• среда, 13 ноември 2024

Ангеловска-Бежоска – Тодорова: Финансиската едукација како начин за подобрување на положбата на жените во економијата и општеството

Ангеловска-Бежоска – Тодорова: Финансиската едукација како начин за подобрување на положбата на жените во економијата и општеството

Скопје, 1 април 2024 

Едукацијата на женската популација за социоекономските права, можности и развивање бизнис-идеи, планови, како и финансиските можности за користење на домашните и европските фондови, се значаен чекор кон намалување на родовиот јаз во општеството и економијата. Финансиската едукација и финансиската вклученост на жените се вбројуваат меѓу политиките коишто треба да се спроведуваат во земјава за намалување на нерамноправноста помеѓу жените и мажите на повеќе полиња, заради обезбедување севкупно поголем економски напредок. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателката на Националниот совет за родова рамноправност (СОЖМ), Савка Тодорова. За постигнување побрзи и подобри резултати, клучна е соработката помеѓу институциите и невладиниот сектор.

- Целта на Народната банка е преку финансиската писменост и финансиската вклученост да се зајакнат основните вештини и клучните компетенции кај жените, што ќе им овозможи зголемување на нивните финансиски знаења, доверба и пристап до финансии за ефективно да учествуваат во економските активности. Еден параметар за финансиската вклученост на жените кај нас е колкав дел од жените и мажите располагаат со сметка во финансиска институција, при што податоците покажуваат дека кај нас 80% од жените имаат сметка, наспроти 90% кај мажите, додека во Европа не постои разлика помеѓу машката и женската популација во овој дел. Во домашниот банкарски систем, 62 отсто од вкупната вредност на кредитното портфолио им припаѓаат на мажите, а само 38 отсто на жените. За таа цел, Народната банка започна со остварувањето на проектот, поддржан од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за поддршка на женското претприемаштво и финансиската вклученост на жените претприемачи. Проектот има за цел да обезбеди поддршка за поголем пристап на жените претприемачи до финансии, како и за зголемување на свесноста за значењето на родовата еднаквост при доделувањето кредити“, истакна Ангеловска-Бежоска.

На средбата стана збор за понатамошна соработка заради натамошно зголемување на општата свест за значењето и можностите коишто ги носи поголемата вклученост на жената во економијата.

Народна банка

Фото: Народна банка

_________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан