• петок, 05 декември 2025

Ангеловска-Бежоска: Регионалната соработка како начин за забрзан раст и побрза конвергенција на Западен Балкан

Ангеловска-Бежоска: Регионалната соработка како начин за забрзан раст и побрза конвергенција на Западен Балкан

Скопје, 27 мај 2025 (МИА) - За одржлив и инклузивен раст на земјите од Западен Балкан е потребна заедничка соработка, а не изолација, порача денеска гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска за време на Балканскиот самит на поранешни студенти на тема „Градење посилни партнерства за економски раст“.

Ангеловска-Бежоска на настанот напомена дека и по три децении на транзиција, доходот во регионот сѐ уште е помалку од половината од просекот во ЕУ, упатувајќи на потребата од зајакнување на потенцијалот за раст, што може да се постигне преку поголема регионална економска интеграција.

Како што рече, потенцијалниот раст во регионот е преполовен од 5 проценти пред светската финансиска криза на 2,5 проценти по неа, додека кај нашата економија забавувањето е уште посилно.

-Слабите остварувања во регионот не се резултат само на надворешните шокови, туку и на подлабоки структурни предизвици како што се застојот во продуктивноста, одливот на работна сила и релативно ниските инвестиции. Продуктивноста е приближно половина од нивото во ЕУ, дека секој петти граѓанин е иселен од регионот (според ОЕЦД) и дека инвестициите се на ниско ниво, како во износот, така и во квалитетот. Во однос на трговијата во рамките на регионот, таа сè уште е ниска, при што во 2024 година таа учествува со само 11 проценти во вкупната трговска размена на земјите од Западен Балкан, додаде Ангеловска-Бежоска.

Таа нагласи дека регионалната соработка може да биде ефикасен инструмент за надминување на овие слабости, и тоа преку порастот на трговијата, поттикнувањето на странските директни инвестиции, преносот на знаења и технологии и растот на продуктивноста. Како пример го посочи позитивниот ефект од договорот за слободна трговија ЦЕФТА, чиешто спроведување се одрази со пораст на трговијата меѓу членките од околу 74 проценти.

Гувернерката го истакнала и значењето на иницијативите како Заедничкиот регионален пазар на земјите од Западен Балкан и членството на нашата земја во Единствената област за плаќања во евра − СЕПА, како конкретни чекори кон поголема економска поврзаност.

Како што потенцира, за успешно остварување на овие иницијативи од особена важност е подобрувањето на квалитетот на институциите, со оглед на нивната значајна улога во спроведувањето на реформите, како и користењето на достапната финансиска помош од ЕУ преку Планот за раст.

Самитот е организиран од Македонско-американската алумни асоцијација, на кој присуствуваа и претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и заменик-амбасадорката на САД, Никол Варнс.бт/лв/

Фото: Народна банка на Република Северна Македонија

 

Остани поврзан