Ангеловска-Бежоска пред Студентското собрание: Финансиската писменост ја намалува сиромаштијата за 2 до 3 п.п.
- СООПШТЕНИЕ - Само финансиски едуцирани лица можат да носат издржани финансиски одлуки за штедење, задолжување и за инвестирање од кои ќе зависи и нивната иднина. Има емпириски истражувања коишто покажуваат дека дури половината од доходовната нееднаквост помеѓу луѓето во светот произлегува од разликите во финансиската писменост.

15 април 2025
„Само финансиски едуцирани лица можат да носат издржани финансиски одлуки за штедење, задолжување и за инвестирање од кои ќе зависи и нивната иднина. Има емпириски истражувања коишто покажуваат дека дури половината од доходовната нееднаквост помеѓу луѓето во светот произлегува од разликите во финансиската писменост. А доходовната нееднаквост во изминативе кризни години, по повеќе децении намалување, за жал се зголеми. Според Светската банка, најсиромашните 40% од светското население изгубиле двојно повеќе доход од најбогатите 20%. Ова е највисокиот раст на нееднаквоста од 1990 година па наваму. Финансиската писменост се смета за силна алатка за поттикнување на растот и за намалување на сиромаштијата – според некои студии, дури за 2 до 3 процентни поени.“ Ова беше истакнато од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на панел-дискусијата „Како познавањето на финансиите ја обликува твојата иднина?“, организирана од Универзитетското студентско собрание при УКИМ.
Во своето обраќање, гувернерката ги претстави и активностите на Народната банка во областа на финансиската едукација, вклучувајќи ја и подготовката на првата национална Стратегија за финансиска писменост и финансиска инклузија, организирањето бројни предавања и работилници, подготовката на едукативни материјали и вклучувањето нови целни групи, како лицата со попреченост. Таа нагласи дека во услови на брзи дигитални трансформации и зголемена комплексност на финансиските услуги, мора и натаму да се вложува во знаењето. Ова е особено важно имајќи го предвид фактот дека според истражувањето на ОЕЦД, стапката на финансиска писменост (56% од максималната вредност) е слична со стапката во регионот, но значително пониска од стапката во Европската Унија.
Настанот беше посветен на унапредување на финансиската писменост кај младите – тема од суштинско значење за личниот развој, но и за економската стабилност на едно општество. На панел-дискусијата учествуваа и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, претседателката на Советот на експерти на АСО, Ели Дракуловска, Дарко Саздов, член на Советот на експерти на МАПАС, и професорот Кирил Јовановски, надворешен комисионер при КХВ.
Народна банка на Република Северна Македонија
_____________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки