• петок, 22 ноември 2024

Ангеловска-Бежоска на започнувањето на втората фаза од проектот со ИНФЕ-ОЕЦД и МФ на Холандија

Ангеловска-Бежоска на започнувањето на втората фаза од проектот со ИНФЕ-ОЕЦД и МФ на Холандија

Скопје, 24 ноември 2023 (МИА) - Гувернерката Ангеловска-Бежоска, на покана на министерката за финансии на Холандија и ОЕЦД, учествуваше на настан посветен на финансиската едукација.

Како што информира Народната банка, средбата истовремено го означи и почетокот на втората фаза на проектот финансиран од холандското министерство за финансии и ИНФЕ-ОЕЦД, насочен кон поддршка на финансиската писменост и инклузија во регионот на ЦЈЕ. Средбата ја отвори потпретседателката на Владата на Холандија и министерка за финансии, Сигрид Кааг, со обраќање кон присутните.

-Дигитализацијата во финансиите носи бројни предности, вклучително и подобар пристап до финансиите, којшто, пак, е важен за намалување на сиромаштијата и за повисок економски раст. Според некои истражувања, со полесен пристап до финансиите може да се зголеми растот и за околу 2 процента, а ако станува збор за дигитален пристап до финансиите, дури и повеќе. Сепак дигиталната ера носи и нови ризици. Ризиците од дигиталните иновации, како што се евентуалните нови видови на е-измама, откривањето, прашањата околу безбедноста и доверливоста на податоците, полесниот пристап до краткорочни кредити и потенцијалната презадолженост на домаќинствата, мора да се третираат внимателно, не само од регулаторна гледна точка, туку и преку зголемување на свеста за нив во рамките на процесот на финансиска едукација, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата „Финансиска писменост и финансиска едукација: нови предизвици и стратегиски приоритети“.

Таа додаде дека покрај новите можности за инклузија, треба да се има на ум дека недостатокот на дигитални вештини и писменост може всушност да ја ограничи инклузивноста и придобивките од дигиталните финансиски услуги. Затоа, треба да се развиваат ефективни иницијативи за финансиската едукација коишто ќе ги опфатат финансиите во дигиталниот свет, да се поддржат дизајнот и употребата на дигиталните алатки за да се обезбеди финансиско образование за помладите генерации, но и да се подигне свеста и кај постарите генерации.

На панел-дискусијата гувернерката истакна дека во рамките на првата фаза на проектот, во изминативе неколку години е направен значителен напредок што беше потврдено и од страна на меѓународните институции.

Во 2021 година, наведува Народната банка во соопштението, е донесена првата  национална Стратегија за финансиска едукација и инклузија, неколку стратегиски документи, а спроведени се и бројни едукативни активности со кои, меѓу другото, се посветува внимание и на дигиталната писменост.

-За ефективно спроведување на Стратегијата, Народната банка ги зема предвид потребите на младата и на постарата популација и нуди различни видови образовни можности за целото население, што вклучуваат онлајн предавања, едукативни објави на веб-страницата и социјалните мрежи, едукативни видеоигри и онлајн квизови. Народната банка неодамна објави и брошура за користење на дигиталните финансиски услуги што содржи лесно разбирливи совети за безбедно користење на овие услуги, се наведува во соопштението. 

Настанот, на кој присуствуваа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и главната економистка на Народната банка, Анета Крстевска, се одржа во Хаг, Холандија, во рамките на Годишниот состанок за регионалниот проект „Техничка помош за финансиска едукација“. На настанот присуствуваа високи претставници од десет земји од ЦЈЕ кои се вклучени во проектот. хс/лв/

Фото: Народна банка на Република Северна Македонија 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан