• понеделник, 23 декември 2024

Анализа на јавно мислење: Нивото на доверба на македонските граѓани во ЕУ на рекордно ниско ниво

Анализа на јавно мислење: Нивото на доверба на македонските граѓани во ЕУ на рекордно ниско ниво

Скопје, 1 март 2023 (МИА) – Нивото на доверба на македонските граѓани во Европската Унија е на рекордно ниско ниво, покажува Анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ, изработена од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“.

-Ние ова го следиме седум години секоја година по ред. Она што може да се заклучи е дека за поддршката на луѓето за влез во ЕУ е на рекордно најниско ниво, односно последниве три години го држи дното со горе-долу некои статистички незначителни разлики. Тоа е едната работа и тоа е она што го констатираат и другите истражувања, изјави Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.  

Според него, она што е позитивно е дека оваа година има подобрување на перцепцијата и тоа значително подобрување на перцепцијата кон Унијата како влијателен идентитет и како најдобар сојузник на земјата.

-Навидум овие две се противречни работи, меѓутоа од ова може да заклучиме дека е клучен момент каде што ЕУ пред се кон земјата треба да направи многу попрактични чекори за да го зголеми нивото на спремност на популацијата да гласа за иден потенцијален влез во ЕУ, односно за да ја зголеми поддршката. Значи, сега гледаме на ЕУ како подобри пријатели. Тоа е секако и во контекст на украинската криза итн, на некој начин збивање, приклонување кон оние коишто се слични и коишто ќе те заштитат, меѓутоа тоа позитивно ниво на перцепција кон Унијата треба да се искористи за да се врати вербата на граѓаните дека некогаш оваа земја има перспектива да стане член. Тоа е она што е најинтересното, најновиот податок од ова истражување, подвлече Трошановски.

Тој нагласи дека поддршката за уставни промени останува да биде ниска, 65 проценти од популацијата е против уставни промени, а кај етничките Македонци противењето на уставни измени е 80 проценти, што, вели, е исклучително висок податок.  

-И третата интересна информација е дека поддршката за Берлински процес, договорите за мобилност, односно третирање на Балканот како еден регион и во таа смисла регионалната свест дека треба да се соработува и единствено така можеме да успееме е значително голема, односно мнозинството луѓе веќе стабилен период ги поддржуваат овие политики, рече тој.  

Во однос на тоа кои се причините за ваквите резултати, вели дека причините секако не произлегуваат од истражувањето на сите тие причини, меѓутоа разочараноста е дека процесот на преговори не дава резултати со години.

-Дополнително, процесот е искомплициран со новата методологија за проширување што иако е донесена пред две години е далеку од операционализирана и со тоа само придонесува кон дефетизмот, разочараноста кај луѓето бидејќи досега не води догледно никаде. Се разбира дека Преговарачката рамка е значителен фактор во евроскептицизмот бидејќи не се заснова на чистите Копенхашки критериуми и наметнува дополнителни парекселанс услови за земјата. Тие се во суштина оние две главни причини, нагласи Трошановски.  

Директорот на Канцеларијата на „Конрад Аденауер“ во Северна Македонија Даниел Браун, истакна дека оваа анализа е одлична можност да направиме анализа со резултатите што сме ги имале од ваквите истражувања и претходно, но изрази жалење дека во земјава општото мнение за тоа како се одвиваат состојбите не оди баш во најгорна линија, и покрај тоа што факторите за ваквото мислење се и внатрешни и надворешни.

-Како директор на „Конрад Аденауер“ фондацијата имаме заложби Северна Македонија да продолжи на патот кон евроинтеграциите, и покрај сите влијанија што доаѓаат и од внатре и однадвор. Очигледно е дека пред се станува збор за губење на трпението доколку не се постигнеше договор, можеби самиот процес на евроинтеграција ќе се забрзаше, но сепак тука мора да се нагласи дека структурата на самите земји-членки и самата ЕУ функционира на начин што одредеи земји, во случајот соседна земја можат, да постават вакви барања. Сепак, јас не можам да ги поддржам тие барања и покрај тоа што сто отсто ниедна страна не може да ги добие своите барања, треба да има компромис, тоа би било солуцијата и решението и верувам дека начинот за да се постигне тоа е политичката елита да говори со еден глас, рече Браун.

Според него, македонската политика има многу можности, има придобивки на економско ниво, има безбедносни околности  што одат на страната на Северна Македонија, но сепак, вели, треба да биде јасно нагласено дека политичката структура во Северна Македонија треба едногласно да настапи во однос на овие прашања и да има пододбра способност за „пазарење“ што би требало да постои кај сите.

Анамарија Велиновска од Центарот за европски интеграции при Институтот за деморкатија, рече дека истражувањето оваа година се одвивало во два прашалници, првиот прашалник е истражување што се следи од 2014 година, со цел да ги следиме трендовите меѓу граѓаните за нивната согласност за членство во ЕУ.

-Оваа година 64 проценти од граѓаните се за членство во ЕУ, доколку следната недела би се одржал референдум, што е за четири проценти помалку од 2021 година, кога 68 отсто од граѓаните се согласиле за членство во ЕУ. Вториот прашалник се однесува на актуелните политички случувања и како тие го одвлекуваат јавното мислење на граѓаните. Во овој прашалник оваа година ја споменавме и војната во Укриана, како глобален политички настан и мнозинството граѓани сметаат дека Русија реагирала на провокациите на НАТО, и нема за цел да ја освои Укрина, исто така мнозинствоот грашани сметаат дека преговори, а не победа за Русија или Украина се решение за војната во Украина, рече таа.

Во однос на уставните измени, кажа Велиновска, речиси две третини од граѓаните не се согласуваат со уставните измени за вклучување на бугарското малцинство во Уставот.

Државниот секрекарт во МНР Филип Тосевски истакна дека процесот на пристапување во ЕУ е процес што е на сите чинители во државата, вклучително и на сите граѓани, на граѓанското општество, и тука, вели, гледаме на клучен партнер за соработка токму во овие процеси.

-Знаеме дека има доста флуктуации во последниот период во однос на јавното мислење во однос на перцепцијата за растечкиот евроскептицизам што е последица од некои процеси, меѓутоа е важно сите заеднички да дискутираме на овие теми и врз основа на нив да се изготвуваат соодветни не само комуникациски, туку и други стратегии во насока на правилно информирање на граѓаните и во насока на нивно се поголемо и најпрактично вклучување во овие процеси, бидејќи ова се процеси за сите граѓани, се работи за иднината на сите граѓани во државата, не само за институциите, кажа Тосевски.

Тосевски додаде дека Министерството останува отворено за соработка со тинк тенковите, невладините организации, во насока на се поголемо вклучување на разни чинители во европските процеси. нд/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан