• сабота, 21 декември 2024

Американски санкции за функционери од РС: Вишковиќ, Стевандиќ, Жељка Цвијановиќ и Букејловиќ на „црната листа“

Американски санкции за функционери од РС: Вишковиќ, Стевандиќ, Жељка Цвијановиќ и Букејловиќ на „црната листа“

Вашингтон, 31 јули 2023 (МИА) - СAД воведоа санкции за Жељка Цвијановиќ, српската членка на Претседателството на БиХ, премиерот на РС Радован Вишковиќ, министерот за правда на РС, Милош Букејловиќ и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ.

Министерството за финансии на САД објави дека овие политичари се директно одговорни за поттикнување на донесување закон во Народното собрание на Република Српска (РСС), со кој одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина се прогласуваат за неприменливи во РС, со што се попречува и загрозува спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор. 

„Токму оваа акција ја загрозува стабилноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и тешко стекнатиот мир врз основа на Дејтонскиот мировен договор“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на американското Министерство за финансии. Нивното однесување, како што се наведува, дополнително го загрозува патот на Босна и Херцеговина и нејзината успешна интеграција во евроатлантските институции.

Потсекретарот на Министерството за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Нелсон рече дека таквата постапка „ја загрозува стабилноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и тешко стекнатиот мир поддржан со Дејтонскиот мировен договор“.

Претходно на листата на санкционирани беше ставен и претседателот на РС Милорад Додик, кој е и предлагач на Законот за неизвршување на одлуките на Уставниот суд на БиХ пред НСРС и главен заговорник за неговото усвојување. 

САД воведоа нови санкции против Додик на 5 јануари 2022 година. Претходно Вашингтон воведе санкции против Додик на 17 јули 2017 година поради попречување на Дејтонскиот мировен договор. ссм/

Остани поврзан