• понеделник, 23 декември 2024

Американската технолошка компанија „HTEC Group“ го отвори својот Центар за развој во државава

Американската технолошка компанија „HTEC Group“ го отвори својот Центар за развој во државава
Скопје, 3 септември 2021 (МИА) - Американската технолошка компанија „HTEC Group“ го отвори својот Центар за развој во Северна Македонија . Компанијата се обврзува на отворање работни места и инвестиции на локалниот пазар, како што било неодамна договорено на средбата со премиерот Заев. Како што информира американската компанија за технолошки консалтинг и развој од Сан Франциско, Центарот за програмери во Скопје сега е целосно оперативен и веќе се вработени 25 инженери, а секојдневно се интервјуираат и ангажираат нови колеги. -Отворањето на Центарот за развој Скопје, којшто веќе работи на врвен технолошки развој со престижни американски компании, го потврдува договорот постигнат во април годинава, кога претставниците на Групацијата се сретнаа со премиерот Зоран Заев и разговараа за намерите на компанијата да инвестира во Северна Македонија и вработи над 130 македонски инженери до крајот на 2022 година, се наведува во соопштението од компанијата. Групацијата „HTEC“ е американска компанија за консалтинг и развој на технолошки дизајн, која обезбедува инженерски, истражувачки и развојни услуги за различни индустрии, како што се основно инженерство, малопродажба, логистика, медицинска технологија и друго. Компанијата во моментов вработува над 900 инженери, со локални канцеларии во САД, Велика Британија, Холандија, Шведска и Словенија и неколку развојни центри низ Србија и Босна и Херцеговина. свс/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан