• сабота, 16 ноември 2024

Амбасадорот Тупанчевски и Македонците од Србија одадоа почит на 15-от Македонски корпус во пробивот на Сремскиот фронт во Втората светска војнa

Амбасадорот Тупанчевски и Македонците од Србија одадоа почит на 15-от Македонски корпус во пробивот на Сремскиот фронт во Втората светска војнa

Белград, 12 април 2024 (МИА) - На одбележување на 79-годишнината од пробивот на Сремскиот фронт кај спомен обележјето Адашевци во Србија, македонскиот амбасадор Никола Тупанчевски и Македонците од Србија одадоа почит на 15-от Македонски ударен корпус кој заедно со сојузничките сили против германската фашистичка војска даде значаен придонес во пробивот на овој фронт и ослободување на Југославија, јави дописникот на МИА од Белград.

Сремскиот фронт е еден од најголемите и најзначајни фронтови во Втората Светска војна каде во рамки на НОВ на Југославија заедно со сојузничките сили учествуваше и 15-от Македонски ударен корпус со 25.000 војници и офицери, кои кај Адашевци во 1945 година во борба со германските сили успеваат да го пробијат фронтот, ослободувајќи ја потоа Југославија се до Словенија.

На одбележувањето на 79-годишнината од пробивот на фронтот, во чест на 15-от Македонски корпус, венец положи македонскиот амбасадор во Белград, Никола Тупанчевски.

-Македонскиот народ посветен на мисијата на родољубивост и посветен на револуционерниот дух го даде својот максимум и учествуваше на најактивен можен начин во антифашистичкиот отпор и ослободувањето на поранешната држава. Македонските борци од 15-от корпус пред 79 години го трасираа патот во борбата против фашизмот, изјави амбасадорот Тупанчевски.

Петнаесетиот Македонски корпус бил составен од 42-та и 48-та македонска народно ослободителна дивизија, броел 25.000 војници и офицери, од кои во пробојот на Сремскиот фронт и борбите потоа, загинале 1674 борци, ранети беа 3400 војници, а исчезнати се водат 378 македонски борци.

На церемонијата на пробојот на Сремски фронт на спомен комплексот кај Адашевци почит одадоа и македонците од Србија.

-Дојдовме да одадеме почит на македонските борци од 15 Македонски корпус и на командантот Алексо Демниевски Бауман и ќе положиме венци и одадеме почит и во Шид пред неговата биста, изјави Лидија Демниева, претседател на здружението Гоце Делчев од Белград.

Борејќи се сојузниците против Германските фашистички сили, македонските борци во фронтовска борба, наоружани со советско оружје, по пробивот на Сремски фронт се истакнаа во ослободување на Посавина, на Товарник, Стриживојно, Славонска Пожега, Винковци, Илово, Загреб, Љубљана, Цеље и други места се до австриската граница. Покрај потполковник Алексо Демниевски-Бауман, командат на корпусот бил и потполковник Тихомир Милошевски, а комесарот бил народниот херој Наум Наумовски Борче.

На спомен обележјето кај Адашевци и денес стојат плочките со имињата на загинатите македонски борци од 15-от Македонски корпус. об/ев/

ФОТО: МИА/Архива 

Остани поврзан