Палестинските власти го прекинаа емитувањето на катарскиот канал Ал Џезира
- Катарскиот канал Ал Џезира денеска ја осуди одлуката на палестинските власти да го прекине емитувањето на палестинските територии, велејќи дека тоа е „обид да се скрие реалноста“ на окупираниот Западен Брег.
Рамала, 2 јануари 2025 (МИА) - Катарскиот канал Ал Џезира денеска ја осуди одлуката на палестинските власти да го прекине емитувањето на палестинските територии, велејќи дека тоа е „обид да се скрие реалноста“ на окупираниот Западен Брег.
Одлуката синоќа ја соопштија палестинските власти, обвинувајќи го каналот за „поттикнување бунт“.
„Надлежниот министерски комитет одлучи да го прекине емитувањето и да ги замрзне сите активности на каналот Ал Џезира и неговата редакција на палестинските територии и да ја суспендира работата на сите новинари, вработени, тимови и поврзани канали додека не се подобри неговиот правен статус“, наведува палестинска новинска агенција.
„Оваа одлука доаѓа како одговор на инсистирањето на Ал Џезира да емитува содржини и известувања кои се карактеризираат со дезинформации, поттикнување бунт и мешање во палестинските внатрешни работи“, додава агенцијата.
Вработените во Ал Џезира на окупираниот Западен Брег потврдија за светските медиуми дека редакцијата во Рамала била информирана за суспензијата. рп/
Фото: МИА архива