Алиу - Салиу: Унапредување на условите во поликлиниката Шуто Оризари еден од приоритетите
- Министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, д-р Шабан Салиу, заедно со министерот за здравство, Азир Алиу, денеска оствари работна посета на Поликлиниката Шуто Оризари, информираат од неговиот кабинет преку соопштение што МИА го пренесува интегрално.
25 септември 2025
Министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, д-р Шабан Салиу, заедно со министерот за здравство, Азир Алиу, денеска оствари работна посета на Поликлиниката Шуто Оризари, информираат од неговиот кабинет преку соопштение што МИА го пренесува интегрално.
Посетата беше насочена кон унапредување на пристапот до примарна здравствена заштита и утврдување на приоритетите за побрзи, поблиски и правични услуги за граѓаните на Шуто Оризари.
Во разговор со раководството и медицинскиот персонал, министерот д-р Салиу и министерот Алиу се информираа за тековната состојба за потребите од медицинска опрема и кадар, со акцент на превентивните програми, имунизацијата и здравственото едуцирање на населението. Во фокус беа и организациските подобрувања, како и редовната координација меѓу установата и надлежните институции за обезбедување континуитет и квалитет на услугите за жителите на Шуто Оризари.
„Шуто Оризари мора да има здравствени услуги со ист квалитет како и секое друго место во Скопје. Нашата цел е фер пристап, пократко време на чекање и повеќе превентивни услуги за сите жители на оваа скопска општина,“ изјави д-р Шабан Салиу, подвлекувајќи дека инклузијата се мери преку конкретни резултати на терен.
Министерот д-р Салиу упати благодарност до здравствените работници за нивната посветеност и најави продолжување на теренските активности согласно Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, со јасна ориентација кон мерливи подобрувања во пристапот, квалитетот и правичноста на здравствените услуги во Шуто Оризари.
Алиу: Унапредување на условите во поликлиниката Шуто Оризари ќе биде еден од приоритетите во следниот период, во рамки на заложбите на Стратегијата за инклузија на Ромите
Министерот за здравство, Азир Алиу денеска ја посети поликлиниката Шуто Оризари, заедно со Министерот без ресор задолжен за интеграција и имлементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, Шабан Салиу.
- Нашата заложба е достапна здравствена заштита за сите пациенти, а паралелно со тоа и унапредување на условите во јавните здравствени установи низ државата. Поликлиниката Шуто Оризари во следниот период ќе биде еден од приоритетите за унапредување во различни аспекти, секако со поддршка од Министерот без ресор задолжен за интеграција и имлементација на Стратегијата за инклузија на Ромите. Во духот на оваа стратегија, заеднички се залагаме за подобрен пристап до интегрирани, квалитетни, превентивни и куративни здравствени услуги за лицата од овој регион, истакна министерот Алиу при посетата.
Воедно, продолжува имплементацијата на активностите согласно Стратегијата за инклузија на Ромите 2022- 2030.
Кабинет на министерот Шабан Салиу
Министерство за здравство
Фото: Министерство за здравство