• понеделник, 23 декември 2024

Албанските опозициски пратеници со прашање до Џафери зошто не ја става на пленарна седница нивната интерпелација за Јовески

Албанските опозициски пратеници со прашање до Џафери зошто не ја става на пленарна седница нивната интерпелација за Јовески

Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) - Пратеничката на Алтернатива, Сафије Садику Шаини во името на албанските опозициски партии на денешната прес-конференција информира дека тие на 14 септември 2023 година поднеле интерпелација за работата на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за, како што рече, негвата улога во поинакво насочување на судскиот процес што се водел во врска со пожарот на модуларната болница во Тетово каде загинаа 14 лица. Таа упати прашање до претседателот на Собранието, Талат Џафери зошто не ја ставил на пленарна седница неговата интерпелација иако, како што рече, помина предвидениоот законски рок за закажување на седница од 15 дена од поднесувањето.

-Според Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, поточно член 47, претседателот на Собранието е должен интерпелацијата да ја стави на дневен ред на наредната прва пленарна седница во рок од 15 дена од поднесувањето. Меѓутоа, поминаа 15 дена, а претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, не закажа пленарна седница за оваа интерпелација. Тоа ни дава за право да се сомневаме дека има нешто меѓу него и Љубомир Јовески, можеби е поврзано со некоја коруптивна афера, бидејќи претседателот на Собранието го штити јавниот обвинител дури и со кршење на Деловникот на Собранието на РСМ. Со што го уценува јавниот обвинител претседателот на Собранието или некој друг од неговата партија, тоа треба да го објаснат тие, но дека г. Џафери го брани Љубомир Јовески, кој во јавноста се гледа како главен виновник за поинакво насочување на судскиот процес за модуларната болница во Тетово, за ова веќе нема сомнение. Доколку не ја стави на дневен ред оваа интерпелација и не се произнесе зошто го крши Деловникот на Собранието, со што му прави директна услуга на Љубомир Јовески, ние имаме право да се сомневаме дека заробената држава е подлабока од Јавното обвинителство. Камбаната бие и за претседателот на Собранието рече Шаини.

Таа потенцира дека за интерпелацијата на Јовески не се изјасниле пратениците на ДУИ и Алијансата за Албанците по нивниот повик да ги поддржат.

-Ова освен што ги става во клупата на виновниците, затоа што штитат функционер кој се плаши да се соочи со пратениците кои го гласале, дури и кога неговото име се спомнува за злоупотреба на службената положба, овие пратеници оставаат простор за сомневање дека тие или лидерите на нивните партии се уценувани од материјали на фиоките на Јовески. Што ги попречува пратениците на ДУИ и Алијансата да ја поддржат интерпелацијата за јавниот обвинител ако на другата страна има 14 жртви изгорени во пожарот, а ниту еден виновник не е во затвор? Со кого се тие, со изгорените жртви или со Јавниот обвинител? Како и да е, ние ќе продолжиме да ја водиме битката со сите демократски средства, а од денеска јавноста мора точно и правилно да знае дека слуги на Љубомир Јовески во Собранието на Република Северна Македонија се Талат Џафери заедно со пратениците на Демократската унија за интеграција и на Алијансата за Албанците. Тоа се личните имиња кои не дозволуваат да се открие вистината за палењето на 14 пациенти во модуларната болница во Тетово. Нека им служи на чест!, рече Садику Шаини.

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, Јовески е еден од досега најлошите јавни обвинители и посочи оти во негово време царува криминалот и корупцијата, особено неказнивоста на високите функционери од ДУИ за кои, како што рече, постојат силни индиции за вмешаност во корупција.

-Секој поминат ден со ваков јавен обвинител е уште еден пораз на областа на висока корупција во државата, рече Милошоски.фф/са/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан