• вторник, 15 октомври 2024

Активности на собраниската Делегација, предводена од претседателот Гаши, во рамки на 149. Собрание на ИПУ во Женева

Активности на собраниската Делегација, предводена од претседателот Гаши, во рамки на 149. Собрание на ИПУ во Женева

Скопје, 14 октомври 2024 

На 149. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 13 до 17 октмври 2024 година во Женева, Швајцарска Конфредерација, учествува Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ИПУ во состав: Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Северна Македонија и шеф на Делегацијата и пратениците Дафина Стојаноска, Фатмир Битиќи, Арбана Пашоли, Халил Снопче, Бобан Карапејовски и Борислав Крмов, членови на Делегацијата, како и генералната секретарка Марина Димовска.

Денеска седници одржаа Управниот совет и две постојани комисии на Интерпарламентарната унија. На седницата на Управниот совет учествуваа пратениците Дафина Стојаноска, Арбана Пашоли и Бобан Карапејовски.

Комисијата за демократија и човекови права дискутираше по извештајот и предлог резолуцијата на тема: „Влијанието на вештачката интелигенција врз демократијата, човековите права и владеењето на правото“. Во дебатата учествуваше пратеникот Халил Снопче. Тој нагласи дека вештачката интелигенција ќе продолжи да игра сè поцентрална улога во процесите на креирање политики, користејќи напредна анализа на податоци за донесување информирани одлуки за сложени прашања, како што се климатските промени, здравствената заштита и економската нееднаквост. Според Снопче, мора да се воспостават јасни регулаторни рамки за управување со употребата на вештачката интелигенција во политичките процеси, како и да се стави фокус на развивање робусни програми за дигитална писменост, не само за граѓаните, туку и за политичките лидери и институции. 

Тој оцени дека носителите на одлуки треба да бидат информирани за технологијата и способни да ги разберат нејзините пошироки општествени импликации. Образованието треба да биде најсилен сојузник во обезбедувањето активно и одговорно учество на сегашните и идните генерации во политичкиот пејзаж, каде што вештачката интелигенција е составен дел.

Пратеникот Фатмир Битиќи учествуваше во работата на Комисијата за мир и меѓународна безбедност, која одржа панел дискусија на тема: „Улогата на парламентарците во спречувањето на конфликти околу природните ресурси“. Тој нагласи дека еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат пратениците е обезбедувањето правична и одржлива дистрибуција на природните ресурси. Нивната улога не е само спречување конфликти околу ресурсите, туку и  создавање системски можности за правична дистрибуција и пристап до нив. Ова вклучува развој на законодавство и механизми кои обезбедуваат секој граѓанин да има фер пристап до вода, земја и други витални ресурси. 

Според Битиќи, еден од најважните чекори што треба да се преземе е унапредување на демократските процеси, бидејќи демократијата е вредносен систем кој вклучува инклузивност, транспарентност и отчетност. Доколку се прифатат овие вредности и се применат во управувањето со ресурсите, можат да се избегнат конфликтите и разликите да станат извор на сила, наместо поделба. Тој, исто така, оцени дека решавањето на климатските предизвици треба да се интегрира во стратегиите за спречување конфликти и да се охрабри трансформација кон зелени технологии и одржливо користење на ресурсите.

Се очекува претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, да има свое обраќање на генералната дебата на тема: “Искористување на науката, технологијата и иновациите за помирна и оддржлива иднина.“

*Интерпарламентарната унија е светска организација на парламентите. Основана е пред повеќе 130 години како прва мултилатерална политичка организација во светот, со цел за поттикнување на соработката и дијалогот меѓу нациите. Во организацијата денес членуваат 180 национални парламенти и 15 меѓународни парламентарни собранија. ИПУ ја промовира демократијата и им помага на парламентите да станат посилни, порепрезентативни, поиновативни и родово и младиски балансирани. Собранијата на ИПУ се одржуваат двапати годишно, обезбедувајќи на тој начин парламентарна димензија на глобалното управување.

Собрание на Северна Македонија

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

Остани поврзан