• понеделник, 23 декември 2024

АД ЕСМ побара од „Макпетрол“ до четврток да достави понуда за гас за цела грејна сезона

АД ЕСМ побара од „Макпетрол“ до четврток да достави понуда за гас за цела грејна сезона
Скопје, 18 октомври 2022 (МИА) - АД ЕСМ денеска испрати допис до „Макпетрол“, и до уште две други фирми кои покажаа интерес да обезбедат гас за неговите потреби, во кој побара до четврток 20.10.2022 година да достават понуда за гас за периодот ноември-април, информираат од компанијата. - Понудата која треба да ја достават се однесува на количини, цена, услови на плаќање и обезбедување преку банкарски гаранции, соопшти ЕСМ. За периодот ноември-април, како што велат во соопштението, АД ЕСМ има потреба од 225 милиони нормални кубни метри природен гас, со кои ќе се покрие максимално работење во наведениот период, на топланите Исток и Запад, Когел и на ТЕ ТО, доколку и оваа електрана биде интергрирана во електро-енергетскиот систем на ЕСМ, односно биде потпишан договор за деловно-техничка соработка со неа. „Макпетрол“ претходно денеска информира дека во ноември нема да доставува природен гас за потребите на топланите Исток и Запад во Скопје со кои стопанисува АД ЕСМ. Како што информираа од компанијата, на 12 октомври доставиле понуда до АД ЕСМ за количините природен гас потребни за топланите Исток и Запад за месец ноември, но не добиле потврда од ЕСМ. - Крајниот рок за прифаќање на понудата од страна на АД ЕСМ измина вчера, до кога „Макпетрол“ АД мораше да ги најави и плати потребните количини кај својот добавувач. АД ЕСМ до вчера не ги потврди потребните количини, поради што Макпетрол АД ги најави останатите количини за своите потрошувачи без количините потребни за производство на топлинска енергија за топланите Исток и Запад, соопшти „Макпетрол“. Од Владата вчера информираа дека во текот на оваа недела се очекува да бидат доставени понудите за набавка на потребните количини природен гас за следниот месец. Покрај од „Макпетрол“ се очекуваат понуди од уште две до три компании. – Веќе е пристигната една понуда од компанијата „Макпетрол“ за потребните количини за ноември, меѓутоа очекуваме уште неколку други понуди. Ќе видиме, која ќе биде најконкурентната, таа ќе биде прифатена. Гасот којшто треба да се добие во понудите за наредниот период, ќе биде гас којшто е потребен за топланите Исток и Запад,  вклучително и Север доколку се склучи договорот, но исто така и за работа на приватната централа ТЕ-ТО за да се стави во функција од ноември, со цел да се произведе повеќе електрична енергија, да го зацврстиме електроенергетскиот систем во државата, но исто така и да добиеме топлинска енергија, којашто ќе задоволи 60 проценти од топлинската енергија што е потребна за загревање на градот Скопје, изјави вчера директорот на ЕСМ Васко Ковачевски. Овој енергенс засега се купува месец за месец, односно до 20-ти во месецот се прибираат понудите за наредниот месец. вј/сп/

Остани поврзан