• петок, 22 ноември 2024

Абази и обвинителите на ОЈО ГОКК на брифинг со новинари информираа за текот на предметите кои ги работат

Абази и обвинителите на ОЈО ГОКК на брифинг со новинари информираа за текот на предметите кои ги работат

Скопје, 1 март 2024 (МИА) - На денешниот брифинг со новинари, шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и обвинителите од ова Обвинителство информира за текот на повеќе предмети кои се работат во ОЈО ГОКК, помеѓу кои „Империја“, „Трансмет“, „Грчец“, „Бехтел и Енка“, „Соравија“ и „Еуростандард банка“.

Во однос на договорот со „Бехтел и Енка“, обвинителката која постапува по предметот, Катерина Коларовиќ, информираше дека има предмет по допрен глас отворен во врска со јавна набавка која што била распишана за избор на фирма која што треба да врши надзор на изградба.

Таа посочи дека одлучувањето по овој предмет трае долго бидејќи на него работи еден истражител со помош од другите истражители.

- Во однос на овој предмет имаме соработка и со Државниот завод за ревизија за кој најавивме дека во скоро време ќе излезе со објава на извештаи. Целосно се анализирани двете јавни набавки, извршени разговори, одземен голем дел на документација, кога ќе имаме конкретен момент дали ќе се отвори истражна постапка ќе бидете информирани, рече таа.

Во врска со предметот „Империја“, кој се однесува на „злоупотреба на службена положба“, „перење пари“ и „измама“, Абази информираше дека постапка е во фаза на судење за преостанатите обвинети од предметот.

Тој ги спомена завршените предмети за случаите со поранешните генерални секретари на Владата на Република Северна Македонија, Драги Рашковски и Мухамед Зеќири, за кои информираше дека има првостепена пресуда и предметите се наоѓаат во Апелациониот суд, каде се одлучува по жалба.

Шефот на ОЈО ГОКК денеска информираше за повеќе предмети кои се однесуваат на криумчарење на луѓе, мигранти, дрога и оружје. Тука ги спомена предметот „Фамилија“ кој се однесува на организирана група со криумчарење луѓе и мигранти за кој рече дека била голема акција за заплена на оружје во која прв пат после неколку години склучиле заеднички истражни тимови со други држави.

Ја сподели и пресудата за „Беланоца“, потврдена во Апелација и спомена за предмет со кој имаат соработка со Грција каде се опфатени четири наши државјани како меѓународна група за трговија со дрога.

На денешниот брифинг Абази сподели информации и за случаите со трговија со деца, помеѓу кои за случувањата во Велес, за кои постапката е во тек. 

Спомена дека се работи на предмет за трговија со дрога во Струга и Охрид, и го сподели и предметот „Синџир“ за злосторничко здружување каде има повеќе обвинето со предизвикана штета од околу 8 милиони евра.

Во врска со истрагата за „Грчец“, од ОЈО ГОКК информираа дека се доставени известувања, наредби за распишување на национални и меѓународни потерници и едно лице е во екстрадиционен притвор во Шпанија.

Во врска со сомнежите за корупција во затвор Идризово, за кои обвинител сослушал извесен затвореник кој зборувал за тортура, обвинителите информираа дека предметот е во предистражна постапка и вербалните наводи треба да се поткрепат материјално за истрагата да продолжи. 

За случајот „Соравија“, отворен по допрен глас, информираа дека по отворање дополнително стигнале поднесоци, а предметот е во фаза на предистрага.

- Обвинителството се обрати до повеќе институции, од страна на МВР постапуваат единица за корупција и единица за финансиска истрага. Вклучена и управа за финансиско разузнавање и Управата за јавни приходи. Обвинителството овој предмет го разгледува сериозно од повеќе аспекти, не само од аспект во продажба на Соравија, туку, во сите дејствија поврзани на конкретни лица за кои покажувате интерес се со цел да се утврди дали овие лица се вклучени во какви било активности поврзани со државни институции, појаснија оттаму, дополнувајќи дека по полициски интерни канали се побарани податоци од трети земји.

За случајпо со модуларната болница во Тетово, информациите беа дека е уште во предистрага и е обезбедена документација, преземени се дејствија за донесување на јавнообвинителска одлука. 

- Сме во фаза на донесување на одлука, јавниот обвинител го проучува предметот, сакаме да го запознаеме Републичкото јавно обвинителство и да донесеме соодветна одлука, велат од ОЈО ГОКК.

Оттаму информираа и за предметот „Трансмет“ каде што посочија дека постапката е во голем дел завршена, а откако новиот републички јавен обвинител ќе биде запознаен со предметот, ќе информираат за одлуката. 

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција денеска споделија дека постапувале и по иницијативата на ДКСК за „Холидеј ин“, односно за донесен ДУП од Општина Центар за која, како што соопштија, се впуштиле во обемно истражување и е донесена јавнообвинителска одлука со која се утврдило дека нема место за јавнообвинителско постапување по 353 став 5, бидејќи, според нив, нема повреда, односно, нема сторено штета на буџетот.

ОЈО ГОКК Денеска информираше дека пред десетина дена го добиле вештачењето за случајот со „Еуростандард банка“ и го дале на одбраната.

На крајот од брифингот информираа дека поднеле обвинение против градоначалникот на Струга, Рамис Мерко. ар/ац/

Фото:МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан