• петок, 22 ноември 2024

„X“ воведува претплата - пробно, во Нов Зеланд и Филипини

„X“ воведува претплата - пробно, во Нов Зеланд и Филипини

Лос Анџелес, 19 октомври 2023 (МИА) - Платформата „X“ (порано „Твитер“), почна да им наплаќа на новите корисници во Нов Зеланд и Филипини еден американски долар годишно за пристап до социјалната мрежа на Илон Маск. Ова засега е тест-програма. Од „X“ соопштуваат дека ова е мерка против виртуелните тн. ботови.

„Почнувајќи од 17 октомври 2023 година, почнавме да го тестираме 'Not A Bot' ('Не бот') - нов метод за претплата за нови корисници во две земји. Овој нов тест беше развиен за да ги зајакне нашите веќе значајни напори за намалување на појавите како спам, манипулациите со нашата платформа и активностите на ботовите. Постојните корисници не се засегнати од оваа програма“, велат тие.

Како што објави „Форбс“ вчера, новите „клучни одлики“ вклучуваат објавување свои написи, одговори кон други корисници и сеопфатна активност на социјалната мрежа. Оние кои нема да плаќаат претплата ќе можат само да читаат објави, да гледаат видеа и да следат други профили. 

Маск и во септември најави дека ќе почне да наплаќа за користење на „Х“. Потоа во живо рече дека компанијата ќе воведе „мала месечна претплата за борба против армијата ботови“. Покрај тоа, „X“ веќе нуди премиум претплата - „X Blue“ којашто чини осум долари месечно, што на корисниците им дава сина ознака и им овозможува подолги објави, уредување на веќе поставените, како и приоритет на нивниот профил во пребарувањето.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан