• понеделник, 23 декември 2024

UN Women со изложбата „Родова еднаквост денес за одржливо утре!“ го одбележува 8 Март

UN Women со изложбата „Родова еднаквост денес за одржливо утре!“ го одбележува 8 Март

Скопје, 8 март 2022 (МИА) - По повод Меѓународниот ден на жената - 8 Март, канцеларијата на UN Women организира едукативна изложба под наслов „Родова еднаквост денес за одржливо утре“. Изложбата ќе биде поставена во „East Gate Mall“ – Скопје и достапна е за сите посетители до 8 април 2022 година. Изложбата е во соработка со Делегацијата на Европската Унија и Europe House, илустрациите и графичкиот дизајн на Нита Хаџихамза-Гаши, адаптацијата на содржината за деца е на Калина Малеска, додека фотографиите се на Елена Стојановиќ. Изложбата е достапна на македонски, албански и англиски јазик.

Покрај изложбата во „East Gate Mall“ за одбележување на 8 Март оваа година, канцеларијата на UN Women спроведува кампања за важноста на родовата статистика, а исто така традиционално ја поддржува културната манифестација „Вечери на женски права“ која е под покровителство на Град Скопје, и се случува по 13 пат.

 Од канцеларијата на UN Women информираат дека годинешната глобална тема за одбележување на 8 Март „Родова еднаквост денес за одржливо утре!“ упатува на предизвиците пред кои сме исправени за унапредување на родовата еднаквост во контекст на глобалните климатски промени во 21от век и одржливата животна средина. Целта на изложбата, како што посочуваат, е да се доближи темата до јавноста, како и да се претстават напорите на UN Women и локалните партнери за унапредување на состојбата со родовата еднаквост во земјата.

- Во таа насока, претставени се примери од иницијативи на жени на локално ниво преку кои тие активно се вклучуваат во процесите на одлучување и иницираат промени за доброто на заедницата и животната средина. Овие иницијативи се дел од резултатите од работата на партнерските организации Акција Здруженска, Националниот совет за родова рамноправност и АГОРА, поддржани во рамките на проектот на UN Women за родово-одговорно буџетирање, финансиран од Швајцарија (СДЦ) и Шведска, соопштија од UN Women. Дополнително, посетителите ќе можат да се запознаат со битни податоци и трендови за состојбата на родовата еднаквост во неколку сфери од нашето општество. Изложбата презентира родова статистика и податоци од Државниот завод за статистика, анализирани преку проектот на UN Women за воведување на родовата перспектива во администрацијата на централно ниво, кој се спроведува во соработка со Секретаријатот за европски прашања и Министерството за труд и социјална политика, финансиран од Шведска. Посебно внимание е посветено на адаптација на содржината за помладата публика со цел да се зајакне едукацијата за историјата и да се доближи до нив вистинското значење на 8Март и важноста на родовата перспектива во повеќе сфери во општеството.фф/са/

Остани поврзан