Tрета меѓународна сесија нa ФЛУ на летната школа NEW ART FOR(U)M во Лазарополе
- Факултетот за ликовни уметности при УКИМ – Скопје од 20 до 27 јуни 2025 во селото Лазарополе ја организирал третата сесија од летната школа NEW ART FOR(U)M, под наслов „Мултипликација на пејзажот“.
Скопје, 1 јули 2025 (МИА) - Факултетот за ликовни уметности при УКИМ – Скопје од 20 до 27 јуни 2025 во селото Лазарополе ја организирал третата сесија од летната школа NEW ART FOR(U)M, под наслов „Мултипликација на пејзажот“.
Оваа година школата била меѓународна поради учеството на студенти од Fontys Academy of the Arts од Тилбург во Холандија, кои заедно со студентите од ФЛУ истражувале и креирале уметнички дела низ фотографскиот медиум инспирирани од пејзажот како визуелна, документарна и критичка форма на изразување.

-Преку теоретски и практични сесии, учесниците се запознаа со начините на користење фотографски камери во различни светлосни услови, анализа на оптички карактеристики на објективите и употреба на софтвери за обработка на фотографија. Фокусот на оваа сесија беше пејзажната фотографија – не како идеализирана слика, туку како документарна и критичка форма, платформа за настанување на комплексни уметнички и мултимедиумски дела, соопшти ФЛУ.
Учесници во сесијата биле осум студенти од ФЛУ и тројца од Холандија, а во наставниот и организацискиот тим биле професорите Роберт Јанкулоски, Гоце Наневски, Дориан Јовановиќ, Доротеј Нешовски и Никол Ван Хуф.
Покрај во Лазарополе, учесниците фотографирале и во околината и во блиските села, истражувајќи го пејзажот од повеќе перспективи: уметничка, техничка, еколошка и културолошка.

Крајниот резултат од оваа сесија ќе биде претставен на групна изложба во Галеријата на ФЛУ во Скопје, која ќе се одржи кон крајот на годината.
Проектот е поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Министерство за култура и туризам и Europe House Скопје. хс/са/
Фото: Факултет за ликовни уметности