• понеделник, 23 декември 2024

Suppliers Balkan Expo:  И во време на криза се носат мерки за предвидлива и подобра бизнис клима за инвеститорите

Suppliers Balkan Expo:  И во време на криза се носат мерки за предвидлива и подобра бизнис клима за инвеститорите
Скопје, 15 ноември 2022 (МИА) - Дваесет компании изложувачи и 300 претставници на фирми од регионот, но и од Германија учествуваат на бизнис настанот SUBEX – Suppliers Balkan Expo што денеска и утре во Скопје го организира Делегацијата на германското стопанство. На настанот ќе се одржат повеќе од 150 Б2Б состаноци, а целта е поврзување на домашните компании добавувачи од металната, електро, ИТ, текстилната, дрвната и прехранбената индустрија со компании купувачи од Германија, Грција, Турција, Романија, Албанија и Косово. Во фокусот е и значењето на дуалното стручно образование. -Сакаме да го поврземе синџирот на добавувачи и да го зајакнеме во цела Југоситочна Европа (ЈИЕ), а дуалното стручно образование, меѓу другото, е патот кон тоа. Многу е важно регионот да го гледаме како целина. Државите тука се прилично мали, но регионот на ЈИЕ како заеднички пазар е интересен за германските компании, изјави директорот на Делегацијата на германското стопанство во земјава, Патрик Мартенс пред почетокот на настанот. Според него, најновите случувања во Европа доведоа до сериозни нарушувања во стопанството, посебно во синџирот на снабдување. Корона кризата беше првиот удар, рече Мартенс во обраќањето, а вториот е војната во Украина. -Усапеавме да ги идентификуваме дејностите во кои компаниите имаат потенцијал (производство и услуги) и ги задоволуваат ЕУ стандардите. Трговскиот биланс во моментов со овој регион веќе покажува импресивни резултати и ќе продолжи да расте, истакна Мартенс. Министерот за економија Крешник Бектеши уште еднаш апелира сите заинтересирани компании да ја искористат нашата држава како можност за инвестирање, но и за продлабочување на соработката со наши фирми во различни  сектори. Тоа е посебно важно, напомена, во време на економско- енергетска криза. Тој во обраќањето подвлече дека Северна Македонија прави големи напори да овозможи најдобри услови за работа на македонскиот пазар. -Најважно е компаниите кои ќе решат да иневстираат во Северна Македонија да имаат предвидлива бизнис клима. Во насока на натамошна поддршка на развојот на индустријата, диверзификација на производството и зголемување на извозот, Владата нуди поголем сет мерки, како мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции, мерки преку програмите на министерство за економија за поддршка на преработувачка индустрија и МСП, мерки од фонд за иновации и сл. Следни активности во кои е вклучено министерството, а треба да имаат позитивно влијание врз понатамошна поддршка и поттик на фирмите во нивниот раст и развој се паметната специјализација чиј фокус е на соработка наука и бизнис во поддршка на истражување, развој и иновации согласно потребите на бизнисот и извозна стртаегија како стратешка рамка за поддршка на фирмите во извозна споремност и извозна промоција, рече Бектеши. Министерот потенцираше дека индустријата се соочува со сериозни предизвици и нестабилности на светскиот пазар. Но, тоа значи и нова можност за привлекување инвеститори, како и вклучување во нови ланци на добавувачи. -Нашата преработувачка индустрија учествува со 14 отсто во БДП, 19 проценти во вработувањето и 11 отсто во бројот на активни компании. Преработувачка индустрија учествуува со 94 отсто во вкупниот извоз. Македонската економија во изминатиот период бележи значителен пораст на извозот и покрај, Ковид-19 кризата во 2020 година, како и кризата со воениот конфликт во Украина во 2022 година, кои имаа негативни ефекти врз извозот. Имено, во периодот од 2011 до 2021 година извозот на стоки бележи просечна стапка на раст од 10 отсто, додека извозот на услуги, исто така, расте со просечна стапка од 10 проценти. Истовремено, релативното учество на извозот на добра и услуги како процент од бруто домашниот продукт (БДП) бележи зголемување од 47,1 процент во 2011 година до повеќе од 61 отсто во 2021 година, што претставува значителна позитивна тенденција. Околу 50 отсто од вкупниот извоз доага од фирмите од ТИРЗ, додека како за илустрација, доминантни извозни производи на домашните компании се производи од текстилната индустрија, облека, примарно земјоделие и прехранбена индустрија, руди и базични метали, кажа Бектеши. Се осврна и на дуалното образование, процес благодарение на кој, како што нагласи, компаниите ги добиваат потребните квалификувани кадри. -Во завршна фаза е новата стратегија за паметна специјализација која ќе биде прва ваква во Северна Македонија. Ги идентификувавме главните сектори кои ќе бидат вклучени во стартегијата и тие сектори ќе бидат поддржани, информира министерот. мч/лв/  

Остани поврзан