• сабота, 21 декември 2024

Oд верските календари

Oд верските календари
14 мај 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 1 мај. Денеска е Св. пророк Еремиј. Овој голем пророк се роди 600 години пред Христос, за кого пророкуваше (поточно, пророкуваше за падот на египетските идоли и за доаѓањето на Дева Марија со Синот Исус Христос, во Египет). Почнал да пророкува во својата 15-та година. Во текот на неговиот живот се изменувале неколку јудејски цареви, кои Еремиј преку своите пророштва се трудел да ги насочува кон праведно и правилно управување. Истите пораки им ги упатува и на своите сонародници, кои во тоа време биле длабоко западнати во идолопоклонство. Во врска со тоа го прорекува и првото опустошување на Ерусалим. Скоро потоа Ерусалим бил освоен и разурнат од Вавилонците. По падот на Ерусалим пророкот насила го одвеле, заедно со многуброен народ, во Египет. Таму Еремиј на дотогашните маки ја додава и маченичката смрт. Убиен е со камења од своите сонародници. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Матија. Бил избран во апостолската служба наместо Јуда. Според хебрејските корени неговото име значело "Божји дар". Повикан да биде апостол, тој бил сведок на Исусовото воскреснување. Умрел маченички така што му била отсечена главата. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19 часот и 52 минути, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 13 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан