• сабота, 21 декември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
21 јули 2021 Свети великомаченик Прокопиј  Тежок празник во летниот период Денот на св. Прокопиј се држи како тежок празник за да не го прокопа порој полето, а жените го држат празник за да им се прокопцани децата. Именден празнуваат: Проко... Светиот великомаченик Прокопиј живеел во време на царот Диоклецијан, а тоа е време на најжестоки прогони на христијаните. Пред да стане христијанин се викал Неание. Татко му бил христијанин, но мајка му не била христијанка туку верувала во многу богови. И Прокопиј во младоста не бил христијанин туку многубожец, а во службата брзо напредувал и станал александриски војвода. Но еднаш за време на бура слушнал глас од небото, а кога погледнал нагоре видел крст. Веднаш порачал да му се направи таков крст што го носел секогаш со себе. По една борба од која излегол како победник мајка му го повикала да им принесе жртва на римските богови. А кога тој одбил тоа да го направи признавајќи дека е христијанин таа го пријавила кај царот. Царот најпрвин го убедувал да се откаже од христовата вера и да му се врати на идолопоклонството, а кога Прокопиј без размислувње тоа го одбил бил затворен, мачен, а потоа исечен со меч, во 303 година во Кесарија. Преданието раскажува дека заедно со Прокопиј биле мачени и дваесетина девојки затоа што станале христијанки. Прокопиј ги советувал да истраат во верата и во смртта да појдат со задоволство како да одат на свадбен церемонијал. Поради тоа што ги поврзал бракот со христијанската чистина Прокопиј се споменува во црквата при венчавањето. Споменот на Светиот великомаченик Прокопиј се празнува на 21/8 јули, овој ден народот го смета за тежок празник и тогаш не се работи. Според народната етимологија на зборот Прокопија се поврзува со прокопување па народот верувал дека ако на тој ден се работи облак ќе го прокопа полето. Во еден посовремен запис на народни обичаи и верувања од Дебарца, Охридско се вели: „На Прокопија не идевме на работа, на жетва данʼ ватит облак, да е прокопат нивата, никако нас татко не не пушташе“. И во тетовско, овој ден бил сметан за голем празник и не се работело. Се верувало дека жените не треба да работат зашто немале да имаат среќа, велеле: „цел живот не ќе прокопса“. И Е. Спространов забележал предание за жената што работела на овој празник. „Една жена си ткаела платно и, ко је рекле: Зашчо ткајш денеска? Опитала: Ами денеска шчо је? ‒ Прокпија“, ‒ је рекле. ‒ Ами ќе ми прокопат гʼзоф! ‒ рекла. Тога веднуш је протонал Прокопија“. Како што забележал М. Цепенков „Свети Прокопија го држат во град Битола жените за да му прокопсаат децата“. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан