• петок, 22 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
16 ноември 2020 Обновување на храмот на Св.великомаченик Георгиј во Лида - Ѓурѓиц Уште еден празник на светиот великомаченик Георгиј Победоносец Овој празник поврзан со името на свети Георгиј Победоносец му припаѓа на есенскиот циклус празници и е поврзан со домашни служби. Овој празник е востановен во чест на обновувањето и осветувањето на храмот посветен на овој голем светител. Празникот Св. Георгиј-Ѓурѓиц е поврзан со името на Светиот великомаченик Георгиј-Победоносец чиј главен празник е на 6 мај според новиот (односно на 23 април според стариот) календар. Иако празникот Ѓурѓовден е голем пролетен празник, поврзан и со будењето на природата, во овој период на годината нема празници поврзани со домашни служби. Поради тоа во есенскиот дел од годината кога има повеќе вакви празници, има и два празника поврзани со името на Св. Георгиј-Победоносец, кога, исто така, се одржуваат домашни служби. Овој празник е поврзан со обновувањето храмот на Св. Георгиј и е познат под името Ѓурѓиц. Пред крајот на својот живот, кога бил во затвор св. Георгиј побарал да го посети неговиот слуга кого го замолил по смртта неговото тело да биде пренесено во Палестина, родното место на неговата мајка. Неговиот завет бил исполнет. Царот Константин кој многу го почитувал св. Георгиј во Лида Палестинска изградил голем храм посветен на овој светител во кој било положено и неговото тело. Во чест на обновувањето и осветувањето на храмот „Св. Георгиј“ востановен е овој празник. Според едни извори свети Георгиј Победоносец е роден во Кападокија, во Мала Азија, според други во градот Бејрут, а според трети во Лида Палестинска, околу 270 година. Неговите родители биле богати, но чесни и побожни. Рано останал без татко, по што мајка му заедно со него се преселила во Палестина од каде што потекнувала и каде што поседувала голем имот. Таму го минал детството посетувајќи ги местата каде што Исус го проповедал своето учење. Тука се стекнал и со образование. Бил висок, убав и храбар поради што добил висока служба во војската. Уште на 20 годишна возраст добил висок чин – воен трибун, а подоцна императорот Диоклецијан го поставил за член на државниот совет, што, исто така, значело големо признание. Но тогаш императорот не знаел каква религија исповедува младиот воен старешина. По смртта на мајка му тој станал наследник на големиот имот, но набргу ги ослободил робовите, а имотот го разделил на сиромасите. Со тоа како да се подготвувал за јавно проповедање на својата вера. Кога Диоклецијан започнал жесток прогон на христијаните, Георгиј му се спротивставил, ги зел во заштита неправедно прогонетите и самиот признал дека верува во Господ Исус Христос. Тоа многу го изнедило и го разочарало императорот кој бесен на својот војник наредил веднаш да биде затворен и подложен на најсурови мачења, со единствена цел да се откаже од својата вера и да му се врати на идолопоклонството. Но св. Георгиј не би бил Победоносец ако не бил толку истраен во свото убедување. Легендата вели дека ноќта пред да оди кај царот му се јавил Исус, на главата му ставил победнички венец и го охрабрил да издржи во своето верување ветувајќи му дека наскоро ќе го земе кај себе. Кога св. Георгиј на императорот му рекол дека не е само негов туку и Исусов војник бил подложен на најсурови мачења. Најпрвин бил положен на грб, нозете му биле ставени во клада, а врз него бил турнат голем камен. Кога тоа не го поколебало, го ставиле врз тркало под кое имало штици со шајки кои му го парале телото. Кога и тоа не повлијаело го тепале со воловски жили, го ставиле во дупка полна со негасена вар и турале вода, му облекле усвитена облека, три дена го држеле закопан во земјата само со главата над земја. Најпосле му дале да испие отров, а кога и тој не дејствувал му ја отсекле главата. Гледајќи ги овие страдања на св. Георгиј особено брзото исцелување на раните и отпорноста на отровот, жената на Диоклецијан, Александра јавно изјавила дека го прифаќа христијанството, поради што била осудена на смрт. Одејќи кон губилиштето таа му се помолила на Господа и веднаш му ја предала својата душа. Свети Георгиј е погубен на 6 мај (23 април, с.с.) според некои извори 303 година и секоја година на овој датум Светата црква го празнува споменот на својот Великомаченик. На иконите, св. Георгиј е претставен како војвода, како на коњ ја убива ламјата којашто се наоѓа под копитата на коњот. И во легендите се раскажува, а и во песните се пее дека светецот навистина ја убил ламјата што на народот му правела голема штета. Преку убиството на ламјата симболично е прикажан придонесот на светецот во борбата и победата над негативните демони. На иконите во заднина се гледа женски лик што ја претставува царицата Александра, којашто, исто така, свесно се жртвувала, исповедувајќи ја истата вера како и светецот Георгиј Победоносец. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан