• петок, 20 декември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
4 јули 2020 Свети Јоан кога одел да се качуа на една планина за да се молит Богу  Свети Јоан, одејќим си по пат за да се качит на планина да го молит Бога, видел покрај пато наседнати луѓе на купои-купои под дебелите сенки, на зелената трева. Сите си ручале и си пиеле ракија и вино за да се веселат на денот од Св. Јоана. Сите што го видоа Св. Јоана го поканија за да им седит на ручек и секој му подааше кој чаша ракија, кој чаша вино – да се напиет. Тој му благодарил на поканата и му блаосоил пијачката без да се напиет ниту една голтка. ’И заминал нив и по некој час место дошол до едно големо вириште. Околу големио вир беа поседнале многу народ да гледаат сеир кај што се напеа луѓе во вирот. Застанал Св. Јоан да погледат и да ’и порадуат луѓето што се капеа и се веселеа, чунки капачите праеја секакви марифети во капењето. Тамо имало и едно момче со обете очи слепо од мајка родено. И тоа се радуало од смеите што слушало од друзите луѓе. Од кај ќе чуело глас од смеа, или радос, тамо лицето ќе го свртело со зината уста, ѓоа и тоа гледа капачите и другите. На Св. Јоана многу му се нажалило за тоа момче дека слепо било. Откоа се изнагледал Св. Јоан си тргна по пат и појде на планината. Падна на колена и сопрво Бога го помоли да му даи Господ очи на слепото момче што го виде покрај виројте. Сопрво Господ некел да му ја примит молитвата на Св. Јоана. Арно ама тој дури со солзи горешти му се моли да му даит очи Господ. Бидејќи Господ многу милостив, му даде глас од небото оти му ја послуша молитвата. Со радос Св. Јоан се врати за да го видит момчето со отворени очи. Кога се видело момчето со отворени очи и кога видело како се капат друзите деца, му се родила завис во срцето оти и тој да не можит да се капит како нив. Што ти напраило? Пресекло неколку трски од крајо на виро и изврвлести остро како шилци, та ’и закачи во вирот на неколку места без да се гледаат, со ниет да се убодат децата што се капеле. Некои мали деца го гледаа, ама не му текнуало оти што мисли ослепеното опулено момче. По малку време децата што се капеа дојдоа при опуленото слепо момче за да го видат оти му се отворија очите и да го радуаат со капењето. Откако направија една смеа, се наврлаа три четири деца во виро и, за жалост, двете се набодија на острите закачени трски прао во срцата си. Пливна крвта во виро, се натрчаа народот да видат што е тоа чудо што се стори. Во тоа време втасал и Св. Јоан. Бре што би, како би, работата се изнајде од кажуачката на децата што беа го виделе слепото опулено момче коа закачило острите трски. Кога чу и виде Св. Јоан спружените две млади и лични ангелчиња, спружени како заклани јагниња, и кога ватија мајки му да пискаат и да плачат и косите од глаата да си корнат, трешти назад плачејќим на планината и падна на коленици, та со плач и горешти солзи го моли Бога за да му простит за грешката што стори со себапо негов. Уби двајца за на еден очи да отворит. Откога многу се моли му дојде глас од небо и му рече: - Стани, Свети Јоане, оти ти го простив кабаетот и уште еднаш за ништо да не ме тоариш, оти ништо јас не сум создал лошо, макар и тебе така да ти се чинит. От многуто молење од мајка му на слепото момче, што ми сакаше едно машко дете, је го дадов, ама и ’и го ослепев чунки незе така и је реченото да имат лоша челад. Ето виде ти сега оти ет лошо, да от тоа сум го ослепел. Се поклони Св. Јоан и се вратил. И кога го виде момчето пак ослепело. Со тоа ослепуање малку се утешија родителите на убиените деца. Си заминал Св. Јоан и дошол кај луѓето што ручаа под сенките. Гледат во едно купаре луѓе кај се тепаат едни други. Глаите беше си раскрваиле, се натрчале од околу луѓе да и отимаат. Отимај, отимај, ништо живо не се отимало, чунки сите биле пијани до уши. - За овој сој луѓе да не му ет блаосоено ракијата и виното за да го пијат чунки се опиле. Замина подолу и виде друго купаре од луѓе кај си пијат винце, мирно, тихо, кротко. Во секого се гледаше радос во устата им. - За овој род луѓе – рекол Св. Јоан – да му ет блаосоено пиење вино и ракија, од сега да дури до века. Да за тоа сега имало луѓе што не пијат и го велат неблаосоено виното и ракијата, а едни што го пијат велат оти било блаосоено. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан