• понеделник, 23 декември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
20 септември 2020  Народна медицина Врачање, баење, лекување, магија Умствените и други болести се лекуваат вака: во една кожна кесичка се ставаат повеќе билки, месо од штркол, маст од црно прасе, коса од мечка. Кесичката се зашива во појасот на болниот. Таа се носи додека се искине или се загуби или додека се искине појасот. Во исто време со тоа и болниот и просторијата се кадат од време на време со женско и машко тефе. При уплаф откраднуваат семки од сончоглед, седеф, кадифе, лисје од маточина и ги варат во сад со „неначета“ вода. Од тој состав му се дава на уплашениот да пие по малку секое утро неколку време. Заедно со тоа ќе голта три утра по ред по девет цели сончогледови семки и ќе го свлекуваат три пати по ред со главата надолу по столбот свртен кон исток. Сето тоа се прави пред да изгрее сонцето. Друг начин за лекување на истата болест е преку леење на куршум: главата на уплашениот ја покриваат со ален прескутник (прстилка) и над неа држат зелена паница со вода. Над паницата ставаат нажежена до црвено железна лопата во која пуштаат истрелан куршум со зборовите: „Ако се уплашил од куче, куче да стане, ако од мечка се уплашил мечка да стане“. и др. Потоа растопениот куршум го истураат во паница со водата каде што тој ја добива формата на животно од кое што е уплавот. Лекувањето се повторува три утра пред изгрејсонце по три пати. Трето лекарство за истата болест е „мамја“ човечки лој која се вари со млеко и се дава на болниот три пати по ред по еден филџан. Исто така, се дава „од два браќа крв“ (вид лекарство) на истиот начин. Кога некој се разболе од надворштини (припаѓање, епилепсија и др.) домаќинот заколува црна кокошка со сребрена пара и ја закопува под огништето под тулите каде што останува засекогаш. Така се закопува злато. Кога некој црнее и ниту умира ниту оздравува го лекуваат со оружје: гердан од сите познати орудија и оружја; секира, мотика, чекан лопата, рало, јарем, срп, коса пушка сабја, пиштол, копје лак, боздоган и др. направени од бронза во минијатурна форма и закачени на верига. Тој ѓердан треба да биде направен само од еден ковач кој го прави соблечен сосема гол и тоа само за една ноќ без да проговори ниту еден збор. Ѓерданот се закачува на болниот да го носи, додека не оздрави. Истата болест се лекува на овој начин: болниот ноќта го водат над некој мост над вода, каде што го ставаат да легне на грб со раширени раце во вид на распетие. Кај главата, нозете и рацете му забиваат по еден клинец. Се верува дека болеста останува закована на мостот. Ако некој страда од „снаодливчина“ (епилепсија) при првото припаѓање каде и да се случи тоа треба да му се засече малку од јазикот за да подголтне малку од крвта. Може да го засечат и на друго место, но тогаш треба да се стават неколку капки од крвта во устата на болниот за да ги голтне. Кога ќе се направи тоа болеста веќе не доаѓала. А во црквата попот му чита четириесет дена по ред „Василевите молитви“ и му се напишува т.н. „Сисанова книга“. Во неа се наоѓаат ликовите на светците на Бога, на Света Богородица и разни црковни максими, изреки и зборови со значење за оздравување. Ја завиткуваат на масур (цевка) и заедно со „оружјето“ ја прицврстуваат за телото на болниот. Василевите молитви и „Сисановата книга“ се употребуваат и при болеста од „в’нкашно“. На урочен му гаснат јаглења. Над главата на болниот домашните ставаат зелена паница со вода во која еден по друг пуштаат девет живи јаглења. Се верува дека како што угаснува јагленот во водата така ќе угаснат и уроците на урочениот. Потоа паницата со водата со јаглењата се остава да преноќи под стреа. Утрето со истата вода му го измиваат лицето на болниот и му дават да се напие од неа три пати по што ја фрлаат во реката. Тоа се повторува три дена по ред. Тој што ги пушта јаглењата во паницата ги изговара следниве зборови: „Мишок оди по полица, тиква носи на г’зица, мишок прдна, тиква пукна. Да пукнаа тиа очи, од каквото и да са, от човек ле са, от куче ле са, от коњ ле са, од мечка ле са, итн. “ Урочување се прави од поглед со лоши очи. Тој што спие или престојува под дрво, стреа може да се парализира или да се збрка во умот, и тој се лекува само со „блажина“. Блажината е лекарство кои се состои од девет мали лепчиња направени од три брашна: од царевка, од рж и од пченица. Тие се печат во пепелта по кое се мачкаат со девет нешта: мед пекмез шеќер, сол, вино, ракија, катран и др. Од сите нешта се става во чинија со вода по малку и се меша. Потоа со рака се мачка телото на болниот лицето, градите, рацете, нозете и др. при што и болниот се измива со таа вода. Тоа се прави вечерта и утрината. Лепчињата треба да преноќуваат пори болниот. Утрината пред зори тие се разнесуваат на девет места, раскрсници, мостови, чешми, реки и на местото каде што се претпоставува дека болниот „налетел“ (заболел). Таму се истура и водата останата во паницата. Ако на болен човек се намачкаат делови од телото со мед, и тој ноќува така, и утрината рано ќе ги измијат и помијата пред изгревсонце ја фрлаат во „одврталото“ на некоја воденица и тој ќе оздрави. Ако некој се разболи од ненадеж, а особено кога ќе му се јави парализа на некој дел од телото, во котле мешаат мед и вода и го оставаат да преноќува при болниот. Утрината пред изгревсонце со „блажината“ го попрскуваат сите места каде што болниот спиел или седел Ако потоа нема помош одат на врачарка која врача и кажува како ќе мине болеста, на пр. ако наместо мед употребат шеќер. Тогаш прават блажина од шеќер и постапуваат на истиот начин. Кога некое дете е болно, не вирее, му се фаќа побратим или посестрима. Двете деца се заведуват в црква, каде што попот извршува извесен обред им става на децата венци на главите и кажува дека тие во иднина стануваат браќа. Потоа родителите на болното дете садат врба, и како што таа брзо расте и зеленее, така и нивното дете да расте и да ја загуби болеста. Оној што прв ќе влезе во бањата, треба прв да фрли камен во базенот за да ја испади „немошта“. Циреи и струпеи по телото на дете се лекуваат откако ќе се помазнат три пати со опашка на црна мачка. Магија за љубов Кога некое момче сака мома која не го сака, треба да ја погледне низ газ, извртен со нож од жив волк, потоа таа ќе го сакала. Тоа треба да го направи и мома која не ја сака саканото момче. Истото средство се применува и кога маж и жена не живеат добро, а и при други блиски, кои не се во добри односи. Кој на тој начин ќе го погледне, на тој начин го придобива кон себе си. Според зборникот „Народописни материјали од Разлошко“ од браќата Димитар и Константин Молерови, Софија 1954 г. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан