• понеделник, 25 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
31 август 2020 Свети Јован Рилски  - Чудотворец  Со имињата на светите маченици-пустиножители Прохор Пчињски, Гаврил Лесновски и Јоаким Осоговски редовно се врзува и името на светиот Јован Рилски, Во македонското народно творештво за овие четворица светители постојат повеќе преданија. Според едни тие се родени браќа, според други тие се само браќа по вера. Според едно предание од кривопаланечкиот крај, запишано од Танас Вражиновски, се раскажува дека: „Они биле четворица браќа, четворица биле: Јаќим Осоговски, Прохор Пчињски, Гаврил Лесновски и св. Јован Рилски. Четворицата браќа живееле заеднички во Осоговието. Са живели во една пештера. По едно време им се јавил на сон, сигурно је бил некој светец и рекол: „Вие четворицата браќа да фаќате четири страни, да се разнесете на четири страни и там да се испоснувате, тама да држите религијата!“ И они са решили, еден ден рекле: „Ајде да се раставимо, да не живееме више заеднички!“ И така се разнеле сите. Јован Рилски ојде во Рила Планина, Св. Јоаќим овде је дојдел, во Осоговието, Прохор Пчињски ојде во Пчињски рејон и Гаврил Лесновски во Лесново. И од тогаш како са умирале, така са наричале светии.“ Според житието св. Јован Рилски е роден околу 876 година во селото Скрино во Осоговските Планини. Уште во детството бил воспитуван во христијански дух. Кога умреле неговите родители, имотот го раздал на сиромаси, а тој се замонашил во блискиот манастир. Така определувајќи се за аскетскиот живот се искачил во некоја планина, направил колиба и почнал да се подвизува во пост и молитви, хранејќи се само со диви плодови и растенија. Потоа се населил во некоја пештера во која останал подолго време. Оттука отишол во Рилската пустина каде што, исто така, продолжил со осаменички живот, со живот во плач, молитви и каење. Се хранел само со трева, се дружел со дивите животни кои кон него се однесувале пријателски. Тука го откриле некои овчари, по што мноштво народ се упатил во планината за да го види испосникот. При средбата со него и по неговите молитви мнозина болни оздравеле, а се случиле и многу чуда. Излекувал болен од нечисти духови, и други болни од различни болести, на чуден начин нахранил некои овчари, го штител манастирот итн. Пред смртта на своите ученици и на сите тие што го почитувале им оставил писмен завет; „Новокрстените луѓе од иста крв, затврдувајте ги во верата и убедувајте ги да ги остават своите пагански обичаи и лошите навики“. Починал на 70 годишна возраст на 18 август (с.с.) 946 година. Подоцна им се јавил на своите ученици и побарал моштите да му бидат пренесени во Средец (Софија) што било и направено на 19 октомври, ден кога, исто така, се празнува неговото име. Најпрвин биле сместени во црквата „Св. Георгиј Победоносец“, а потоа во црквата „Св. апостол и евангелист Лука“. Подоцна биле однесени во Унгарија каде што останале неколку години, по што повторно биле вратени во Софија, па во Велико Трново, за конечно пак да бидат вратени во неговиот, односно во Рилскиот манастир каде што и денес се наоѓаат. Насекаде каде што биле пренесувани и каде што престојувале овие мошти на светиот Јован Рилски се случувале чуда поради што е наречен Чудотворец. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан