• петок, 05 декември 2025

Изложба „Цветна градина“ на Роза Мојсовска - уметница и лице со телесна попреченост

Изложба „Цветна градина“ на Роза Мојсовска - уметница и лице со телесна попреченост

Гевгелија, 17 ноември 2025 (МИА) - Во Уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија, викендов се одржа ликовната изложба „Цветна градина“ на Роза Мојсовска - уметница и лице со телесна попреченост.

„'Гевгелија град на култура за 2025 година' уште еднаш ја претвори уметноста во празник на заедништвото и човечката сила, отворајќи ги вратите на Уметничката галерија „Амам“ за магичната изложба 'Цветна градина' на Роза Мојсовска. На 15 ноември 2025, просторот се претвори во градина на бои и емоции, каде што секое платно дишеше со посебна нежност, а секоја боја носеше приказна за надеж, храброст и нов почеток. Посетителите, чекорејќи низ мирисот на уметност и тивките вибрации на инспирација, влегоа во свет каде различностите не само што се прифаќаат - туку се слават. Секој цвет на платната е симбол на живот, секоја боја носи трепет на чувство, а секоја композиција говори за човечката сила што успева да процвета и таму каде што другите гледаат ограничувања. Во својот творечки израз, уметницата користи масло и акрил на платно, демонстрирајќи и длабочина и интензитет, реализам и современост, суптилност и прецизност“, објави Општина Гевгелија на Фејсбук.

Изложбата привлече голем број посетители - љубители на уметноста, претставници на локалната и централната власт, културни работници и членови на Здруженија на лица со попреченост, кои влегоа во светот исполнет со боја, симболика и емоции. Изложбата претставува визуелно патување низ 25 дела, преку коишто Мојсовска, сликајќи ги со уста, ја отвора својата „цветна градина“, се вели - простор исполнет со светлина, нежност и надеж. 

Настанот беше организиран од здруженијата „Абилитис“ и „Зета“, со поддршка од Општината Гевгелија, Националната установа Музеј - Гевгелија и Министерството за култура и туризам. Посетителите присуствуваа на воведни обраќања од Елена Кочоска - претставничка на „Зета“ и кураторско претставување од м-р Александар Каракабаков, кустос-советник и историчар на уметоност, говор на уметницата и тура низ изложбата. 

- Попреченоста не треба да биде пречка, туку поттик за создавање нови перспективи и вредности во уметноста и општеството... Кога ги отвараме вратите за различностите, ја збогатуваме културата со искуства што инаку би останале невидливи. Роза е жив доказ дека талентот и страста не познаваат граници, нагласи Кочоска.

Уметницата Мојсовска го изрази своето задоволство што оваа изложба е дел од проект којшто ја промовира инклузијата и еднаквите можности, истакнувајќи дека „Под исто платно“ ѝ овозможува не само да ја претстави својата уметност, туку и да испрати порака.

- Секој човек носи потенцијал којшто заслужува да биде виден и слушнат. Чест ми е што моите дела се дел од иницијатива што гради заедница во којашто различностите се богатство, а не пречка, рече Мојсовска. 

Таа, исто така, изрази благодарност до Општина Гевгелија и Националната установа Музеј - Гевгелија за поддршката во реализацијата на настанот како дел од манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“, што е клучна за создавање простор во којшто инклузивните уметнички практики може да се развиваат допирајќи до пошироката публика.

„'Цветна градина' не е само изложба, туку искуство кое инспирира, охрабрува и остава трага. Со изложби како 'Цветна градина', Гевгелија го зацврстува својот статус на вистински културен центар за 2025 година. Поддршката од локалната самоуправа, музејот и институциите покажува јасна ориентација кон создавање инклузивна, отворена и динамична културна сцена. Овој настан е дел од Инклузивниот проект 'Под исто платно', финансиран од 'Хартефакт' (Hartefact). Со самостојни изложби во Скопје, Тетово и Гевгелија, како и групна презентација на 'Абилити авардс 2025' (Ability Awards 2025), иницијативата досега има претставено повеќе од шеесет оригинални дела и постигнала значителен одѕив од јавноста“, се додава во објавата.

„Под исто платно“ не е само проект, се истакнува, туку платформа што ги руши стигмите, ја засилува видливоста на уметниците и ги трансформира перцепциите за уметноста и различностите. Проектот, преку уметнички работилници, менторства и изложби обединува уметници со и без попреченост, создавајќи простор за еднаквост во културниот живот.

Инаку, Роза Мојсовска е единствената уметница во Македонија која создава со четка во устата. Со повеќе од илјада слики зад себе и членство во Меѓународното здружение ВДМФК, нејзината приказна одамна престана да биде само лична - таа стана симбол на цврстина, волја и дарба, којшто ги урива сите граници. Родена со телесна попреченост, Мојсовска уште на седум години го создава својот „прв цвет“ - дело што ќе го одреди нејзиниот животен пат. Од тој миг, сликарството станува нејзин јазик, слобода и најискрен облик на самоизразување. Денес, нејзините дела се дел од бројни приватни и институционални колекции, а нејзината трудољубивост и бескрајна посветеност, се нагласува, продолжуваат да ги мотивираат младите уметници и пошироката публика - кои веруваат во сопствените способности.  си/са/

Фото: Фејсбук, јавни објави.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан