• понеделник, 23 декември 2024

Kонференцијата „Да кажеме СТОП на иселувањето на младите“: Да се преземат мерки час поскоро, младите да се вклучат во креирањето на политиките во државата

Kонференцијата „Да кажеме СТОП на иселувањето на младите“: Да се преземат мерки час поскоро, младите да се вклучат во креирањето на политиките во државата
Скопје, 22 март 2022 (МИА) - Очекувањата се подобрување на состојбата, да се најдат начини младите бидат вклучени при креирањето на политиките во државата, да се преземат мерки час поскоро, да се размислува како со сет мерки да ги задржиме младите дома, затоа што работната сила е најголемиот капитал што го имаме и ние, меѓутоа и фирмите. Да се стави поголем фокус на внатрешната миграција провинција - главен град, што за помалку од пет-шест години може да предизвика недостиг од одредени кадри во помалите урбани центри, е само дел од она што беше нагласено на денешната конференција на тема „Да кажеме СТОП на иселувањето на младите“, во организација на Прогрес - Институт за социјална демократија. Опсервацијата на, инаку во континуитет, важната тема спречувањето на исселувањето на младите, во актуелниот глобален момент како да добива уште повеќе на значење и ургентност. Темата околу исселувањето на младите од матичната држава по својата суштина, значење и реперкусии отсекогаш, особено во специфични или кризни времиња, завредувала највисок општествен и институционален приоритет, нагласи во видео обраќањето на конференцијата министерот за внaтрешни работи Оливер Спасовски. Пред системот, пред институциите, пред носителите на одлуки, посочи Спасовски, се исправува нов и специфичен предизвик што наметнува неопходно барање на соодветен и ефикасен одговор на проблемското прашање: како да се задржат и мотивираат младите за да го најдат своето место под сонцето. Односно, како тие да се етаблираат во реален, објективен фактор на општественото опстојување и напредок. - Зошто?! Едноставно, поради фактот според кој младите генерации се природни наследници, природен легат кој треба да го понесе товарот на континуитетот на егзистирањето на која било заедница. И притоа, таквото прашање целосно задира, и секако, зависи од квалитетот на речиси сите сегменти на општественото живеење: социјален, културен, економски, правен, безбедносен и така натаму, рече Спасовски. Според него и историски и искуствено нужноста да се дефинираат можностите, перспективите, потребната мотивација што би го превенирале одливот на млади, а следствено на тоа, на енергијата и креативноста на едно општество, подвлече, отсекогаш логично се наметнувале како цели број еден во она што претставува политички или генерално, општествено-системски менаџмент во животот и развојот на државните заедници. Министерот Спасовски меѓу другото наведе дека актуелните глобални околности што сега сѐ повеќе ги погодуваат сите земји, особено во Европа ќе имаат влијание, колку во динамизирањето на трендот за „миграција“ на помладата популација, толку, потенцира, па дури и повеќе врз можностите за превенција и особено мобилизирање на таа млада сила во нејзино поинтензивно ангажирање како клучен двигател на општествениот живот и развој. Од тие причини, информира тој, од аспект на политиките на Владата, важен акцент е ставен токму врз мерки со кои ќе се подобрат студентскиот живот и стандард, а младите ќе дојдат полесно до прво вработување. - Наша приоритетна цел е младите да ја проектираат и градат својата иднина во својата татковина, истакна Спасовски. Потсети дека во претходниот мандат започнале со програмата „Младинска гаранција“, а при креирањето на владините мерки за поддршка на стопанството и граѓаните во услови на вонредна состојба предизвикана од ширењето на вирусот КОВИД-19, воведени се три типа парична поддршка за младите во Северна Македонија преку платежни картички и ваучери, вредна 12 милиони евра, со цел нивно полесно прилагодување на новата реалност, преку одржување на нивото на ученичкиот и студентскиот стандард, како и на куповната моќ. Во новата Програма на Влада 2022-2024, младите се опфатени преку таргетирани политики со кои се овозможува нивна извесна и сигурна иднина. Предвидена е поддршка за секое вработено лице до 29 години кое ќе се вработи првпат, за сите кои не сѐ уште не развиле вештини за вработување да го сторат тоа преку пракса, предвиден е поврат на персонален данок на доход за сите нововработени млади под 30 години, предвидена е поддршка во отварањето на младинските центри и локалните младински совети, со цел вклучување на младите во процесите на донесување на одлуки и зголемување на капацитетите на младите луѓе. - Оваа Влада ќе продолжи да го спроведува и зголемува младинскиот додаток за младите вклучени во производствените дејности, а планирана е дигитализација и зголемување на опфатот на услуги и бенефиции за младите луѓе кои ги нуди Европската младинска картичка, во директна соработка со државните институции и јавните установи. Предвидени се мерки за стимулирање за млади лекари, но и поддршка за млади земјоделци. Дигитализацијата останува еден од врвните приоритети за Владата, како критичен фактор за новото време и суштински развој на човечкиот капитал на сите нивоа, информира министерот Спасовски. Од аспект на Министерството за внатрешни работи посочи дека во изминативе неколку години преку прием на речиси 2.300 млади до 25-годишна возраст, драстично е поместена старосната структуира во корист на помладите генерации, поместувајќи ја границата во старосното структуирање до речиси 50 проценти на вработени до 40-годишна возраст. - Јас искрено се надевам, дотолку повеќе што постои јасно демонстрирана политичка волја, дека уште поинтензивно ќе се продолжи во правец на отворање перспективи за целосна општествена инклузивност и на младите категории граѓани, третирајќи го ова прашање како неспорен државен интерес. Впрочем и денешнава конференција за мене лично, а верувам и за севкупната наша јавност, претставува одлична можност, дополнителен инпут во криерањето политики наменети за реалното и непроценливо факторизирање на младите во општеството, истакна минситерот за вантрешни работи Спасовски. Сашо Додовски, претседател на Прогрес - Институт за социјална демократија, оцени дека мерки мора да бидат преземени час поскоро. Тој посочи и на проблемот проблемот со внатрешната миграција што, како што рече, недоволно ја третираме бидејќи внатрешната миграција на релација провинција – главен град ќе стане уште поактуелна за многу скоро време. - Ќе се соочиме со ситуација да имаме комплетен недостиг од одредени кадри и од одредени професии надвор од главниот град што дополнително ќе ги влоши состојбите, изјави Додовски. Според него, мотивацијата, добрите работни места, солидните и повисоките плати за младите квалитетни кадри се најбитни во оваа фаза. Но, секако и други мерки и околности што ќе треба да бидат присутни за еден млад и реализиран човек да размислува, нагласи Додовски, дека овде е подобро отколку надвор бидејќи секогаш на сопственото огниште е полесно и да се создава и да се прави кариера и да се создава семејство. Тој информира дека најчесто се исселуваат високообразовани кадри од областа на медицинските професии, од областа на инженерството и според информациите што ги имаат, се исселуваат во земјите членки на ЕУ во последните години во Скандинавија, Германија, Британија. Владимир Красиќ, претставник на МТСП, порача дека во МТСП и во Владата треба да се размислува како со сет мерки да ги задржиме младите дома, затоа што работната сила е најголемиот капитал што го имаме и ние, меѓутоа и фирмите. Една од мерките и активностите на кои се работи во МТСП, информира Красиќ, е Оперативниот план што се применува од 2007 година па наваму. - Во последните неколку години, со посебен осврт на младите лица се застапени со задолжителна квота од 30 отсто секоја мерка поединечно во Оперативниот план. Понатаму, како активност имаме за да биде и родовата застапеност препознаена во Оперативниот план – 50:50 да има полова структура застапеност на мерките, а најново ни е од пред две години и распределбата на овие мерки по региони. Исто така од 2017 година работиме со помош на Меѓународната организација на трудот изготвивме еден преглед на занимања. Ова е можност да ја промовираме и таа страна zanimanje.mk, која што се однесува на младата популација посебно основците и средношколците за да ги препознаат занимањата со коишто ќе можат понатаму побрзо да го преминат тој премин од училиште на работа, изјави Владимир Красиќ, претставник на МТСП. Додаде дека како МТСПП ја имаат и гаранцијата за млади што се применува од пред неколку години. На цела територија на државата кога секое младо лице ќе се регистрира во Агенцијата за вработување во наредниот период да му се понуди некоја од услугите – дали за вработување или услуга за дообука, преквалификација, доквалификација како полесно би се снашол на пазарот на трудот. За Тања Томиќ, експерт за креирање јавни политики, од аспект на проблемот со иселувањето на младите она што е најважно е да најдеме начини да младите бидат вклучени при креирањето на политиките, односно политиките во државата да се креираат инклузивно со разбирање на нивното мислење. - Она што да речеме пред 10 години кога јас сум била млада било важно, сега на овие нови генерации апсолутно им е небитно и имаат нови приоритети и нови потреби. Од тие причини е важно секогаш државата да ги вклучува младите луѓе при креирањето на политиките, изјави Томиќ. Таа посочи дека и на конфренцијата ќе се разговара за начинот на кој треба да се креираат политиките за младите за да се спречи иселувањето, односно дали се потребни поединечни политики што ќе го таргетираат проблемот или можеби е подобро ова прашање да биде третирано во секоја една политика која што државата ја креира и секоја една програма дали е тоа во областа на земјоделие, на економија, на образование итн. На новинарско прашање кои се тие приоритети, на што најмногу се осврнуваат младите и што им е најбитно за да останат тука, Томиќ истакна дека најважен им е квалитетот на живот и тоа е она што да кажеме го „бркаат“ кога се селат од село во град или кога се селат надвор од нашата држава без оглед на тоа какви примања имаат овде. - Многу млади луѓе се одлучуваат да се преселат заради можностите што ги имаат во други држави од аспект на социјален живот, на културни настани, на образовни можности итн. Така што, тие се областите коишто сметам дека државата треба да се обиде да најде решенија коишто ќе ги привлечат младите луѓе да останат тука, изјави Томиќ. цр/ац/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан