• петок, 22 ноември 2024

Kолев: Не е ништо спорно во врска со набавката на машина за бележење на хоризонтална сигнализација

Kолев: Не е ништо спорно во врска со набавката на машина за бележење на хоризонтална сигнализација

Велес, 26 јануари 2024 (МИА) - Градоначалникот на Општина Велес Марко Колев на денешната прес - конференција информира дека истрагата на СВР Велес во врска со набавката на машина за бележење на хоризонтална сигнализација не е ништо спорно, за што тој денеска добил и писмен одговор од СВР Велес. Воедно Колев го повика ОЈО Велес да постапи и истражи, а тој, како што рече, ќе им ги достави сите неопходни документи.

-Досега не сум се обратил јавно на прес за бројните прозивки, но во овој случај морам да реагирам, рече градоначалникот Колев.

Тој информира дека после подолги истражувања на службите било одлучено дека е потребно да се набави специјализирано возило за сопствени потреби, за обележување на хоризонтална сигнализација. Неговата набавка, според податокот презентиран пред членовите на Советот е  во вредност од 2,6 милиони денари. Појасни дека машината е од реномиран американски производител „Греко“ и има одлични перформанси.

Колев информира дека вакви или слични машини имаат набавено општините Битола, Кавадарци, Струмица, Радовиш, Илинден и Центар, но секоја од нив е согласно потребите на дадената општина. Такви машини воедно имаат и приватни фирми кои работат со големи инфраструктурни работи.

Градоначалникот посочи дека секоја година Општина Велес од општинскиот буџет плаќа помеѓу еден и два милиони денари за бележење на улиците. Но, како што додаде, само после неколку дена  дена, имаат  реакции од граѓаните дека бојата е излупена и не се познава обележувањето на велешките улици.

Тој рече дека се одлучиле да набават ваква машина, бидејќи на тој начин општината ќе заштеди средства.

Според градоначалникот, законската регулатива била испочитувана и никој немал забелешки на постапката и изборот.

-Не беше никаков проблем кога се спроведуваше постапката, не беше никаков проблем кога се набави машината. Не беше никаков проблем кога сите советници кои беа присутни на седница на Советот донесоа одлука за префрлање на машината од сопственост на Општина Велес на користење на ЈКП „Дервен“ за да можат тие служби врз основа на налози на општината истата да се користи, рече Колев.

Градоначалникот најави дека новата машина ќе почне да се кристи кога ќе се подобрат условите и температурата ќе биде плус 15 степени Целзиусови. ад/

Фото: МИА

Остани поврзан