• понеделник, 23 јуни 2025

Џ.К. Роулинг не би го отпуштила Папа Есиеду поради неговите про-транс ставови

Џ.К. Роулинг не би го отпуштила Папа Есиеду поради неговите про-транс ставови

Лондон, 7 мај 2025 (МИА) - Британската писателка Џоан К. Роулинг, во нова објава на „Икс“ нагласува дека нема овластување, ниту пак, намера или желба да го отпушти Папа Есиеду од телевизиската серија „Хари Потер“ на „Ејч-би-о“ (HBO).

Инаку, глумецот со потекло од Гана, кој ќе го глуми Северус Снајп во претсојната серија, неодамна го потпиша отвореното писмо каде што се осудува одлуката на Врховниот суд на Обединетото Кралство, дека трансродовите жени не се жени според Законот, и соодветно - трансродовите мажи, легално, не се мажи. Веднаш потоа, многу фанови на „Хари Потер“ шпекулираа за тоа како Роулинг ќе реагира. Писмото го потпишаа и други познати глумци.

„Немам моќ да отпуштам никого од серијата, а и не би ја користела ако ја имав“, напиша Џ.К. Роулинг, споделувајќи напис за Есиеду. - „Не верувам во одземање на работното место, или средствата за егзистенција на луѓето, бидејќи тие имаат законски заштитени верувања, иако се разликуваат од моите“.

Џ.К. Роулинг со години ја бранува јавноста со своите изјави против современата транс-идеологија. Па сѐ тоа ѝ донесе одредени критики и на продукциската куќа „Ејч-би-о“ и на новиот ТВ-проект за „Хари Потер“ и приказните.

„Ејч-би-о“ ја потврди првата екипа од серијата минатиот месец: Џон Литгоу ќе го глуми Албус Дамблдор, Џенет Мектир - Минерва Мекгонагал, а Ник Фрост ќе го игра Рубеус Хагрид. Другите глумци допрва ќе бидат соопштени.

Извршниот директор на ТВ-мрежата, Кејси Блојс изјави дека Џ.К. Роулинг е „длабоко вклучена во процесот“ на изборот на продуцентката Франческа Гардинер и режисерот Марк Мајлод кои ја подготвуваат серијата. Тој додаде дека нејзините анти-транс ставови не влијаеле на изборот на глумци, сценаристи и продукциски персонал. Гласноговорникот на „Ејч-би-о“ потоа за „Варајети“ (Variety) изјави дека придонесот на Џ.К. Роулинг во матичната продукциска куќа „Ворнер брос - Дискавери“ (Warner Bros. Discovery), е бесценет.

Пред неколку дена, на интернет-емисијата „Таун“ (The Town), Блојс нагласи дека претстојната ТВ-серија „Хари Потер“ нема да биде „проткаена“ со ставовите на Роулинг за трансродовите луѓе.

- Одлуката да правиме бизнис со Џ.К. Роулинг не е нова за нас. Ние сме веќе 25 години во партнерство... Ја имаме нејзината серија „К.Б. Страјк“ (C.B. Strike) на „Ејч-би-о“, што ја работиме со „Би-би-си“. Јасно е дека тоа се нејзини лични, политички ставови. Таа има право на нив. „Хари Потер“ не содржи никакви скриени пораки. Ако сакате да се расправате со неа, можете да го направите тоа на Твитер, додаде Блојс.

Снимањето на серијата „Хари Потер“ треба да почне кон крајот на оваа година. Прикажувањето на првите епизоди - од предвидените осум сезони, се очекуваат следната 2026 година.  си/

Фото: „Икс“, фотоисечок

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан