• недела, 22 декември 2024

Џими Картер на 100 години го оствари своето право на глас, гласајќи за Камала Харис

Џими Картер на 100 години го оствари своето право на глас, гласајќи за Камала Харис

Вашингтон, 17 октомври 2024 (МИА) - Џими Картер, најстариот жив поранешен претседател на САД и единствениот кој го доживеал 100-от роденден, вчера го даде својот глас за претстојните претседателски избори во САД, во неговата матична држава Џорџија.

Според извештаите на повеќе американски медиуми, гласачкото ливче било оставено во поштенско сандаче на судот во градот Америкус, а тоа го потврди и Центарот Картер.

Поранешниот претседател ѝ кажал на својата фамилија дека е повеќе заинтересиран да гласа за потпретседателката Камала Харис, кандидатката на Демократската партија, отколку да го прослави својот 100-ти роденден, објави весникот „Атланта Џурнал-Конститушн“.

Картер, кој е во лоша здравствена состојба, изјавил дека има една последна желба, а тоа е да гласа за Харис на изборите на 5 ноември.

Раното гласање во Џорџија започна во вторник со рекорден одзив на првиот ден, според изборните претставници.

Картер го прослави својот 100-ти роденден на 1 октомври. Пред околу година и половина, тој ја прекина медицинската терапија по неколку престои во болница и премина во хосписна грижа.

Харис води тесна трка против својот републикански ривал, поранешниот претседател Доналд Трамп. Сегашниот претседател на САД, Џо Бајден, победи во Џорџија во 2020 година, но само со нешто помалку од 12.000 гласови.

Џорџија е една од неколкуте т.н. „свинг“ држави кои се сметаат за клучни во изборите според коментаторите. ссм/

фото: архива

Остани поврзан