• понеделник, 23 декември 2024

Џесика Росвал шведска кандидатка за нова еврокомесарка 

Џесика Росвал шведска кандидатка за нова еврокомесарка 

Брисел, 9 јули 2024 (МИА) - Шведската Влада ја номинираше актуелната министерка за прашања поврзани со Европската Унија и нордиска соработка Џесика Росвал за иден член на Европската комисија од Шведска. 

- Шведска сака Џесика Росвол да биде нејзиниот следен европски комесар. Таа долго време има широка мрежа на контакти во ЕУ, која дополнително се прошири за време на нејзиниот мандат како министерка за ЕУ, изјави шведскиот премиер Улф Кристершон промовирајќи ја номинацијата на Росвал.  

Со кандидатурата на Росвал, Шведска ја продолжува традицијата за номинирање на еврокомесарки, имајќи предвид дека сите досегашни четири шведски членови на Европската комисија беа жени.  

Росвал, која е членка на владејачката либерално-конзервативна Умерена коалициска партија (М), дел од семејството на Европската народна партија (ЕПП), изјави дека е почестена со номинацијата, додавајќи дека функцијата еврокомесар е „чесна работа“. 

Таа не прецизираше со кој ресор би сакала да раководи во идната Европска комисија, но нагласи дека „прашања важни за ЕУ и за Шведска се војната во Украина, конкурентноста, климата и криминалот“. 

- Од шведска страна, оваа Влада има приоритет да ја направи Шведска побезбедна, послободна и позелена, рече Росвал. 

Кристершон, исто така, не прецизираше за кој ресор во Еврокомисијата е заинтересирана Шведска, додавајќи дека земјата би требало да се фокусира на прашања каде што „има кредибилитет од историски причини или сака да има влијание од стратешки причини“. 

- Има 27 земји и сите сакаат важни ресори. Тоа е секогаш случај. Но, има неколку места каде што можеме да дадеме придонес, како економската конкурентност, геополитичките прашања и спроведувањето на законот, додаде шведскиот премиер. 

Росвал треба да ја замени актуелната шведска еврокомесарка Илва Јохансон, која раководи со ресорот внатрешни работи. 

Доколку, актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ја добие поддршката во Европарламентот за реизбор на функцијата, гласање што најверојатно ќе се одржи следната недела, таа во следната фаза ќе ги започне консултациите со земјите членки за распределба на ресорите и за кандидатите за еврокомесари. 

Откако ќе биде комплетирана листата на потенцијални еврокомесари, таа се доставуваа до Европскиот парламент, кој организира нивно сослушување и треба да се изјасни за прифаќање или одбивање на нивните кандидатури. 

Доколку Росвел ја помине постапката и нејзината номинација биде потврдена од европратениците, таа ќе биде првата шведска комесарка во 28-годишното членство на земјата во ЕУ, која доаѓа од редовите на десно центристичката ЕПП, имајќи предвид дека од претходните четири еврокомесарки, три беа членки на Шведската социјалдемократска партија (С), а една на партијата Либерали (Л). сп/

Фото: Умерена коалициска партија

Остани поврзан