• недела, 22 декември 2024

Џафери: Се врши изборен инженеринг за менување на соодносот на силите во Собранието

Џафери: Се врши изборен инженеринг за менување на соодносот на силите во Собранието

Скопје, 16 мај 2024 (МИА) - Премиерот на техничката Влада Талат Џафери смета дека имало договор за надгласување во Државната изборна комисија за прифаќање на одредени приговори за изборните резултати и прегласување, и оти на ваков начин се прави обид за изборен инженеринг за менување на бројките во Собранието и изигрување на волјата на граѓаните. Изборниот процес кој беше оценет како кредибилен и демократски, сега е во рацете на Управниот суд, рече Џафери и повика сите институции да постапуваат согласно закон без партиски директиви од која било страна.

-Како премиер на Владата на Република Северна Македонија и одговорен за успешноста на изборниот процес на претседателските и парламентарните избори имам добиено извештај од учесниците во изборниот процес за вознемирување во однос на обиди за изборен инженеринг со вонинституционален меѓупартиски договор за гласање и надгласување во ДИК во врска со симптоматичните приговори поднесени од страна на учесниците на изборите, рече Џафери на денешната прес-конференција во Владата. 

Според извештаите, додаде тој, овие претензии се изборен инженеринг и имаат за цел менување на соодносот на бројките во Собранието преку политички договор на маса.

-Кредибилноста на изборите и на демократскиот процес прифатени и поздравени од сите партии и од меѓународната заедница сега е во рацете на Управниот суд и јас ги поканувам сите институции да постапат согласно закон, без партиски и политички директиви од која било страна и да го штитат кредибилитетот на изборниот процес до крај без да фрлат дамка на волјата на граѓаните изразена на изборите, истакна техничкиот премиер Џафери. 

Во меѓувреме течат роковите за тужби до Управниот суд за изборните резултати по парламентарните избори по прифаќањето на приговорите од страна на ДИК што го отвори патот за прегласување на шест избирачки места во петатта и на едно избирачко место во шестата изборна единица. 

Рокот на Управниот суд, во кој треба да одлучи дали се прифаќаат приговорите на ДИК за прегласување во седум избирачки места истeкува утре на полноќ. сст/мд/

фото: принтскрин

 

Остани поврзан