• понеделник, 23 декември 2024

Ќе се освети сечесниот храм на Мајката Божја во село Ростуше, изграден со многу љубов и големи заложби на Бигорското братство

Ќе се освети сечесниот храм на Мајката Божја во село Ростуше, изграден со многу љубов и големи заложби на Бигорското братство

Дебар, 19 јули 2023 (МИА) - Прекрасната црква посветена на Пресвета Богородица, во долнореканското село Ростуше, која е изградена со многу љубов и големи заложби на Бигорското братство, предводено од апископот Антаниски г. Партениј и на иницијативниот одбор од ова, ќе биде осветена на 30 овој месец.

По тој повод Свештената бигорска обител, како што велат, со голема чест и радост ги поканува почитуваните верници, сите ростушани и пријатели на Река и на Мијачкиот крај, присуствувате на овој свет и значаен настан за овој крај.

- Осветувањето ќе се изврши на 30 јули 2023 година, недела, со почеток во 9 часот од страна на надлежниот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Епископот Антаниски г. Партениј. Молитвено ќе учествуваат и дебарскиот архиерејски намесник отец Миле Ангелковски, Бигорското монашко братство и на сестринството од Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“од дебарското селоРајчица, информира од Бигорскиот манастир.

Краток историјат на Храмот на Пресвета Богородица во село Ростуше

Според историски извори, со сигурност се знае дека во долнореканското село Ростуше (по старо Ростуша, од Радост-душа) суштествувал велелепен храм посветен на Пресвета Богородица, уште од византиско време.

За тој храм постојат веродостојни историски документи, од кои меѓу позначајните е Повелбата на Иван Кастриот, таткото на Георги Кастриот – Скендербег, кој во тоа време владеел со овие простори, упатена до манастирот Хилeндар во 1426 година. Во оваа повелба, со која таткото на христијанскиот востаник ѝ подарува имоти на оваа светогорска обител, меѓу другото, стои напишано и следново: „Го приложив селото Радостуше со Црквата на Пречистата Богородица што е во тоа село Радостуше, и со селото Требиште“. Од овој исказ може да се заклучи дека во селото Ростуше, во правата половина на XV век, сè уште суштествувала црква посветена на Пречистата Богородица, неведуваат од манастирот.

Мошне значаен извор за историјата на селото Ростуше, но и на целата дебарска околија, се „Кратките спомени“ на угледниот Архимандрит Кирил Рилски, родум од село Битуше, кој во 1916 година од црковното началство бил поставен како администратор на Дебарската епархија. Во своите мемоари тој пишува: „Од обиколката на епархијата видов дека селото Ростуше има голема потреба за црква. Се беше запазило живо предание помеѓу христијанското месно население дека џамијата насред селото, при којашто се наоѓаа и турските гробишта, била православна црква Успение на Пресвета Богородица до пред стотина години. Помаците од ова село ја претвориле во џамија, откако го урнале старото црковно здание и на истата основа ја построиле сегашната зграда. Јас ја приспособив оваа џамија за црква и на 30 август 1918 г. ја претворив во православна црква, под старото историско име, Успение на Пресвета Богородица. Во тоа Ростуше се наоѓал стариот историски манастир ‘Дебарска Св. Богородица’, каде што игумен во 1019 г. бил првиот Охридскиот Блаженејши Архиепископ Јоан Дебранин (закосено од самиот автор – б.н.), пред тој да стане Охридски просветител. […] Оваа древна црква во с. Ростуше била црквата на древниот историски манастир ‘Дебарска Св. Богородица’. Околу таа древна манастирска црква се наоѓаат стари гробници ѕидани со тули. При раскопувањата околу оваа древна светиња, можат да се најдат многу драгоцени археолошки предмети за целото христијанство од првите векови на Балканскиот Полуостров. Во 1908 г. еден помак, којшто копал основи, за да си построи куќа блиску до таа историска црква, открил една сводеста, многу умешно направена со тули гробница, во којашто се наоѓало едно цело, ни малку не распаднато човечко тело. Помакот намислил во ноќта да го фрли тоа нераспаднато човечко тело во река Радика. Но на сон му се јавил човек, кој му кажал да не го допира, зашто тој е жив и ништо не може да му направи. Помакот се исплашил од тоа видение на сон и повторно ја соѕидал гробницата, каква што си била, како што ја нашол во земјата.“

Интересно е да се напомене дека тоа место за кое пишува Кирил Рилски и денес се наоѓа во центарот на селото и од мештаните се нарекува Двораник, што пак, алудира на тоа дека на овој локалитет некогаш, најверојатно, се наоѓал некој дворец или кнежевски имот. Можно е храмот на Пресвета Богородица да бил дворска црква, изградена за потребите на некој висок благородник од Средниот век.

Мислењето на Архимандритот Кирил Рилски дека Манастирот на Пресвета Богородица во кој се подвизувал и игуменувал Свети Јован Дебранин најверојатно се наоѓал во Ростуше, го дели и роднокрајниот историограф Стамат Стаматов од Дебар. Тома Смилјаниќ, пак, од с. Тресонче, пишувајќи за историјата и етнографијата на Мијаците, наведува дека манастирот Света Богородица во с. Ростуше „бил, според преданието, велик и силен. Имал конак со 360 соби, а во средината имало чешма Двораник (закосено од самиот автор – б.м.), која и денес постои. Кога поголемиот дел од Ростуша се потурчил, манастирот бил срушен…“

Слично раскажува и Апостол Христов Фрчковски, познат иконописец од Галичник, деец на Македонската револуционерна организација и извесно време околиски началник на Реканската каза. Во неговото сведоштво, запишано од просветниот деец Георги Трајчев, меѓу другото, се вели: „За селото Ростуше знаеме дека џамијата во недалечното минато била црква; кога го примиле мухамеданството, црквата ја претворија во џамија. А тоа собитие станало преди 150-200 години“.

За ростушката Црква пишувал и македонскиот етнограф и професор, галичанецот Риста Лоноски: „Постои некакво предание дека во Ростуше постоела некаква црква или манастир Успение со големи конаци од 70 одаи. Вистина е дека таков храм постоел и дека е после претворен во џамија“.

Во 30-те години на минатиот век, биле спроведени археолошки испитувања на самото место, при што било докажано дека на тоа место низ историјата постоеле неколку православни храмови. Имено, биле откриени основи на храм со ширина 10, а должина 15 метри. Всушност, биле откриени три различни градежни слоја, при што старите ѕидини се наоѓале во рамките на поновите.

- Црквата на Пресвета Богородица се наоѓала во центарот на селото, на местото од денешното спортско игралиште. Последниот храм, изграден во Кралска Југославија, бил насилно и целосно срушен во времето на фашистичката окупација на овој крај во Втората светска војна. Немајќи повеќе ниеден молитвен дом во селото, Христијаните биле принудени да изградат еден скромен храм на ритчето од северната страна на селото, кај православните гробишта. Тој привремен импровизиран објект им служеше како единствен храм сè до пред десетина години, кога, по иницијатива на нашиот Старец и Игумен г. Партениј, православните ростушани формираа Одбор за обнова на Црквата „Пресвета Богородица“. Одборот веднаш го замоли Старецот да ја прифати одговорноста за изградбата на новата црква, на што тој со радост потврдно одговори, додаваат од манастирот, посочуваат од бигорското братство.

Така, со големите заложби и личните трудови на Епископот г. Партениј и на монашкото братство, за неколку години се издигна велелепен храм на Мајката Божја, кој денес преставува еден архитектонски бисер на селото, совршено вклопен во природата и во целокупната архитектура.

Храмот е идејно обмислен од страна на владиката Партениј, во соработка со искусните црковни архитекти Владимир и Искра Лековски од архитектонското студио „Лелелеле“.

Изграден е од камен и од тули, во препознатливиот византиски стил опус микстум, и структурно наликува на старата црква што била на сред село, крстообразна, со голема купола на средината, со конхи од страните и со камбанарија над тремот.

Во меѓувреме, храмот беше целосно живописан од зографот Славчо Петковски од Битола, браќата зографи од нашето братство и сестрите од Рајчица. Иконите, сместени во прекрасниот мермерен иконостас, се дело на зографот Владислав Коцарев од Охрид, професор по византиска уметност на Белградскиот универзитет. Храмот има и своја камбанарија во која се сместени двете камбани од старата црква, од времето на Кралска Југославија.

Ова е првиот соодветно изграден храм во село Ростуше по рушењето на стариот и е изграден според неговиот прбичен изглед.

Паралелно со изградбата на Црквата, се работеше и на облагородување на просторот околу неа, па така, по иницијатива на владиката г. Партениј, беше изградена нова прекрасна трпезарија за потребите на храмот, беа обновени селските гробишта, се направи партерно уредување околу црквата, со потпорни ѕидови и плато поплочено со камен и обградено со пристојна ограда, а се направи и скалест пат до центарот на селото, изѕидан од камен.

- Накратко кажано, во возобновениот Храм на Пресвета Богородица, селото Ростуше, но и цела Долна Река, добија еден вистински, прекрасен украс, кој веќе ги привлекува очите и срцата на бројни минувачи во крајов, и од земјава и од странство. Западниот дел на Македонија доби еден исклучително убав храм во кој се слави името Божјо и милоста на Царицата Мајка, за доброто на сите жители, нагласуваат од Бигорскиот манастир. вт/цр

 

Фото: Бигорски

Остани поврзан