• среда, 27 ноември 2024

Ќе се доуредува легислативата во делот на складирање на електрична енергија произведена од ОИЕ

Ќе се доуредува легислативата во делот на складирање на електрична енергија произведена од ОИЕ

Скопје, 17 февруари 2023 (МИА) – Формирање на Работна група за доработка на легислативата во делот на складирање на електричната енергија произведена од обновливи извори на енергија (ОИЕ) во батериски системи и забрзување на процесот со цел да се направи извесност и предвидливост за сите инвеститори во иднина е договорено на денешниот состанок на министерот за економија Крешник Бектеши и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски со Македонската енергетска асоцијација (МЕА) при Стопанската комора. На состанокот беа присутни и претставници на ЕВН и на МЕПСО како членки на МЕА кои се одговорни за приклучување на ОИЕ на дистрибутивната и на преносната мрежа.

Инсталирањето на батерии кај електраните кои ја користат сончевата енергија за производство на струја ќе ја зголеми инвестицијата за 10 до 20 отсто, но ќе им овозможи на инвеститорите да продаваат електрична енергија и во периодите кога побарувачката  помала од понудата со што ќе имаат многу подобар пазарен продукт и на тој начин нема да имаат загуби од нивното инсталирање.

-На денешниот состанок со МЕА разговаравме за две многу важни теми за воведување на нова легислатива. Одлучивме да формираме работна група во која ќе има претставници од МЕА и различни институции што ќе работат на легислативата во делот на складирање на електрична енергија како дополнителна потреба од страна на инвеститорите и на државата во делот на ОИЕ, особено од фотонапонските централи, изјави Бектеши по состанокот и додаде дека тие ќе ја утврдуваат постапката и начинот како процедурите да бидат поедноставни и инвестициите да бидат профитабилни.

При тоа, како што рече, во предвид ќе се земе можноста на дистрибутивниот и преносниот систем за да го прифати производството на струја од ОИЕ во земјава.

-Работиме транспарентно и отворено и ја информираме Стопанската комора, но очекуваме и придонес од нивна страна во делот на подобрувањето на легислативата заради искусните стопанственици кои ги имаат. На тој начин заедно можеме да градиме одржлив енергетски систем и да се обидеме што побрзо да ја направиме транзицијата на енергетскиот сектор, рече Бектеши.

Потенцира дека во земјава има голем број на инвестиции во ОИЕ согласно податоците од ЕВН и од МЕПСО.

Тој ги повика сите потенцијални инвеститори внимателно да ги следат сите процедури за да не дојдеме во ситуација, како што рече, да имаме многу поголемо производство од потребите што ги има државата.

Претседателот на МЕА, Кочо Анѓушев истакна дека сите фотоволтаици произведуваат електрична енергија во исто време и 80 отсто од произведената електрична енергија во текот на годината е во периодот од април до септември и од 9:00 до 17:00 часот.

-Затоа не смееме да дозволиме во тој период да има големи вишоци со илјадници мегавати, бидејќи нема да се знае што да се прави со таа енергија. Единствено решение е енергијата да се складира во батериски системи. Тие треба да се опфатат во нашата легислатива во законските и подзаконските акти. Токму на денешниот состанок ја инициравме таа постапка, рече Анѓушев.

Посочи дека батериите можат да бидат од еден киловат час до 10 за домашна употреба, од 300 до 500 киловат часови за потребите на индустриските објекти, неколку мегават часови за веќе постојни и идно градени производни капацитети за производство на електрична енергија од фотоволтаици или да бидат самостојни батериски системи со стотици мегават часови во  кои сите ќе можат да складираат енергија, односно еден вид централа од батерии.

-Транзицијата кон ОИЕ е нашето единствено решение како држава бидејќи немаме други ресурси, но енергетската  транзиција треба да се прави организирано за да не стане проблем, туку решение, посочи Анѓушев.

Претседателот на РКЕ Бислимоски појасни дека во летниот период кога има најголемо производство на електрична енергија од фотоволтаици возможно е во периодот од 9:00 до 17:00 часот да има вишоци на енергија.

-Со цел таа енергија да се искористи рационално потребно е секој кој има фотоволтаици да инсталира батериски системи, а на тоа ќе ги натера и пазарот со цел нивното производно портфолио да биде поконкурентно и со подобра цена. Тоа е најдобар начин да ја складираат енергијата и да ја понудат на пазарот кога ќе нема сонце, односно во ноќните часови, рече Бислимоски.вј/aa/

Остани поврзан