• сабота, 21 декември 2024

Ју Ес Опен: Сабаленка и Пегула финалистки

Ју Ес Опен: Сабаленка и Пегула финалистки

 

Њујорк, 6 септември 2024 (МИА) – Американката Џесика Пегула и Белорусинката Арина Сабаленка ќе играат во финалето на последниот сезонски Грен слем турнир Ју Ес Опен во Њујорк.

Пегула во полуфиналето синоќа ја совлада Каролина Мучова од Чешка со 1-6, 6-4, 6-2.

Претходно во првото полуфинале на женскиот турнир, втората тенисерка во светот Сабаленка ја совлада младата американска сензација Ема Наваро со 6-3, 7-6 (2).

За триесетгодишната Пегула ова е прво грен слем финале во кариерата. Американката го загуби првиот сет со 1-6, а во вториот заостануваше со 0-2 и 30-40, но потоа направи пресврт и по два часа и 12 минути стигна до најголемата победа во кариерата.

Нејзините браќа и сестри и нејзиниот татко, 73-годишниот милијардер Теренс Пегула, гласно навиваа за неа на трибините. Таткото, кој го стекнал богатството во бизнис со нафта и гас, е еден од 400-те најбогати луѓе во светот според Форбс и поседува голема спортска империја.ег

Сабаленка по четврти пат стигна до финалето на грен слем турнирите, а досега двапати го освои Австралија опен. Ова е втор пат по ред да се најде во финалето на Ју Ес Опен каде лани загуби од локалната тенисерка Коко Гауф. ег ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан