• сабота, 23 ноември 2024

Јужноамерикански новинари жртви на шпионажа

Јужноамерикански новинари жртви на шпионажа

12 мај 2020

Дојче веле

Да се биде новинар во Латинска Америка никогаш не било лесно, без оглед дали владее десница или левица. Иако животот не им е непосредно загрозен, новинарите можат да бидат сигурни дека се барем прислушувани и сомнителни дека работат против Владата.

Колумбиското списание „Семана“ неодамна откри скандал дека воената известувачка служба на Колумбија систематски ги прислушува и ги следи новинарите, како домашните така и странските новинари кои живеат во земјата. Се разбира, националните и меѓународните здруженија на издавачи и новинари веднаш го кренаа гласот и побараа од претседателот на Колумбија, Иван Дуке, веднаш да нареди да престане ваквиот надзор и да поведе постапка против одговорните.  Но, дури ни меѓународните организации не се посебно изненадени од оваа практика, која во Латинска Америка се чини „нормална“.

Исто така, и Натали Саутвик, координаторка на програмата на Комитетот за заштита на новинарите (КЗН), потсетува дека ваквите откритија се веќе тажна традиција во Колумбија. Дури и ако Владата успешно почне некоја истрага, таа обично води до отпуштање од работа „ситни риби“, кои се едвај одговорни за процесот, а проблемот останува.

„Истрагите воопшто не се транспарентни и државата тешко дека треба да одговара пред некого за своите постапки“, сумира Саутвик.

Ниту мислењето на Кристофер Барнс, претседател на Сеамериканското здружение на новинари (СИП), не е поинакво.

„Ваквите незаконски активности го нарушуваат неспорното право на приватност загарантирано за сите граѓани“, предупредува Барнс. Покрај тоа, во нормалните демократии, новинарите, исто како адвокатите, лекарите, па дури и свештениците, се особено заштитени од прислушување. „Бидејќи во спротивно е поткопана потребната доверба што им е потребна на новинарите кон нивните информатори“, потсетува Барнс.

Прислушуваат и левица и десница

На протестот секако се приклучува и новинарот на мексиканскиот весник „Ел универзал“, Хозе Мелендез, но додава дека тоа е всушност „вообичаена практика“ во цела Латинска Америка.

„Новинарите секогаш биле набљудувани, без оглед на идеологиите и периодот, ситуацијата е таква барем во последните пет децении“, истакна и Рикардо Троти, извршен директор на здружението СИП. Списокот е долг и ги вклучува и десничарските или воените власти на Аргентина, Бразил, Парагвај, Уругвај или Чиле, како и левичарските влади на Никарагва и да не зборуваме за Куба. Во многу земји, уредите за прислушување останаа вклучени, можеби останаа и истите луѓе што ги следат новинарите, дури и кога владите ја сменија идеологијата, таков е случајот во Венецуела пред и по Чавез, но и во Еквадор, барем во амбасадата на таа земја во Лондон Јулијан Асанж најде прибежиште.

На хартија и во законите, дури и во државите од Латинска Америка, обично се пишува дека граѓаните е дозволено да се прислушуваат исклучително ако се осомничени за врски со организиран криминал или терористички организации. Исто така теоретски, потребна е судска наредба за такво прислушување и надзор за воопшто да се спроведе.

Во законите пишува сè и сешто

Активистите за правата на новинарите предупредуваат дека таква практика веќе започнува во Мексико, тие потсетуваат дека Владата на Мексико била и купувач на тајна програма за следење мобилни телефони, Пегаз, производ на Израел, но зад таа програма стојат тајни служби на голем број западни земји.

Сигурно е дека програмата ја користеле мексиканските служби кога Енрике Нието бил претседател, можеби дури и неговиот претходник, а малку е веројатно дека сегашниот претседател Андрес Обрадор ги исклучил овие уреди, што можат да се користат за шпионирање новинари, активисти и политички противници.

Исто така е познато како другите земји од Латинска Америка набавувале слични програми и уреди за надзор, Гватемала, Панама или Хондурас. „Голем број други земји се обидоа да ги набават и не се знае дали тие веќе успеале“, сумира Натали Саутвик. Многу е веројатно дека тајните служби стојат зад интернет-нападите на весниците „Ел Салвадор“, „Ла пренса графико“ и „Ел диарио де хој“.

Меѓународните организации едногласно предупредуваат на фактот дека сите држави од Латинска Америка имаат некои закони што ги штитат приватноста и работата на медиумите, но всушност тешко дека некој има тело што ќе следи дали државата ги почитува тие закони.

Така, излегува дека станува збор за проблем на „слабостите на правните институции и авторитарната природа на извршната власт“ во целиот регион, сумира Рикардо Троти. И уште еднаш предупредува што тоа всушност значи: „Надзорот и заканите за новинарите се сериозна закана за слободата на медиумите и за правото на јавноста да биде целосно информирана.“ ки/јт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан