Јубилејно 40 издание на Ликовната колонија „Дебрца”
- Отворањето на годинешното издание е предвидено за утревечер, во Галеријата на Колонијата во селото Белчишта, седиштето на руралната Општина Дебрца.
Охрид, 27 јуни 2025 (МИА) – Најстарата меѓународна ликовна колонија во земјава, онаа што се одржува во Дебрца, оваа година го одбележува 40-годишниот јубилеј.
Сето благодарение на ентузијазмот и повеќе децениската посветеност на основачот, ликовниот уметник и педагог, Ѓорѓи Целески, заслужен за успешноста на колонијата, која е со најбогат фунд уметнички дела во Македонија.
Отворањето на годинешното издание е предвидено за утревечер, во Галеријата на Колонијата во селото Белчишта, седиштето на руралната Општина Дебрца.
За ова издание на Колонијата поканети се 12 афирмирани учесници од земјата и светот, меѓу кои и академскиот ликовен уметник Јордан Манасијески, редовен учесник на Колонијата, кој неодамна одбележа 50 години ликовно создавање, како и присуство на светската ликовна мапа со изложби во најпознатите ликовни метрополи.
Заедно со Манасијески наредните денови во Дебрца ќе творат уште и Драган Најденовски од Битола, Славица Тамеска од Охрид, Андреј Антевски - Куманово, српските уметтници Мирослав Крунич и Иван Коциќ, потоа Никола Ненезиќ од Црна Гора, Красимира Друмева од Бугарија, Павлина Боботанова и Ѓулај Ѓуксел од Турција, Анастас Констандини – Тасо од Албанија и канадскиот ликовен уметник Мајкл Клос.
Галеријата на Интернационалната уметничка колонија „Дебрца” ја красат над 700 ликовни дела од врвни уметници од Македонија, меѓу кои и академик Димче Коцо, како и десетици познати ликовни дејци од светот. аб/дма/
Фото: МИА