• петок, 22 ноември 2024

ЈП Дрисла поднесе кривични пријави против лица кои објавуваат „дезинформации со фалсификувани фотографии“

ЈП Дрисла поднесе кривични пријави против лица кои објавуваат „дезинформации со фалсификувани фотографии“

Скопје, 15 септември 2023 (МИА) - Јавното претпријатие депонија Дрисла соопшти дека поднело кривични пријави за објавувањето на фотографии на социјалните мрежи и дел од порталите за коишто од депонијата тврдат дека тие не се од Дрисла. 

- ЈП депонија Дрисла најостро ги демантира лагите објавени на социјалните мрежи и дел од порталите за несоодветно третирање на медицински отпад дополнето со скандалозни фотографии кои не се од депонијата Дрисла. Против лицата кои шират лаги и кои објавуваат дезинформации со фалсификувани фотографии, кои сеат страв и паника без докази, од страна на претпријатието ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, велат од депонијата.

Во соопштението се вели дека Дрисла не произведува отпад, додека медицински отпад од клинички центар се доставува со специјални возила во посебна постапка. -Медицински отпад не се складира ниту се остава на отворено, туку истиот ден се внесува во автоклав каде се третира. До него имаат пристап исклучиво обучени вработени од претпријатието, а со тоа што не се остава на отворено немаат до истиот пристап кучиња или други животни, се наведува во соопштението.

Претпријтието апелира правото и слобода на говорот, правото за јавно собирање и протест да не се злоупотребува како инструмент на политички и лични интереси и за свесно ширење на лаги и дезинформации. 

-Користење на животната средина и здравјето на луѓето како адут за остварување на сопствени политички цели на политички опции кои во ова гледаат единствен начин да покренат поширока маса луѓе, и со лаги да го поткопаат и деградираат законското работење на претпријатието е неприфатливо, се наведува во соопштението.

Тие исто така ги повикуваат Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство детално да ги истражат овие сериозни дела кои ги доведуваат во заблуда и шират паника меѓу граѓаните, со цел конечно да се стави крај на ваквите манипулации кои се ставаат во функција на политиката. сх/ац/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан