• понеделник, 23 декември 2024

Јохансон – Керидис: Борба со криумчарите и нелегалната миграција, но и инвестиција во легалната миграција

Јохансон – Керидис: Борба со криумчарите и нелегалната миграција, но и инвестиција во легалната миграција

Атина, 8 јануари 2023 (МИА) – На значајниот прогрес што Грција, како што рече, го прави во управувањето со мигрантското прашање, се осврна еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон на денешниот настан организиран во Министерството за миграција и азил на Грција на тема „Европски решенија на заедничкиот предизвик на миграцијата“, јави дописничката на МИА од Атина.

Јохансен говореше за соработката со Грција и разговорите со надлежниот министер за миграција и азил Димитрис Керидис со кој дискутирале за предизвиците, за продлабочување на соработката, за депортациите и враќањето на мигрантите кои немаат право на азил во земјите на потекло, но и во инвестирање во легалната миграција, бидејќи, како што посочи, тоа и е потребно на Европа, поради недостигот на работници.

Паралелно, порача дека е неопходна обединетост во борбата со криумчарите на мигранти, за кои рече дека треба да се апсат.

Министерот за миграција и азил на Грција, за време на дискусијата со Јохансон истакна дека „мрежите се рушат со мрежи“, односно со соработка на сите инволвирани и посочи дека се потребни европски решенија, базирани на европските принципи и вредности.

На почетокот на настанот се обрати грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој порача дека „праведна миграциска политика не значи отворени или непостоечки граници, туку правила, хуманост и чувствителност заедно со законот и редот“.

- Во 2023 година веруваме дека постигнавме значајни успеси во грчката миграциска политика. Со меѓународно зголемениот миграциски притисок, верувам дека се справивме подобро од многу наши партнери. Брановите на нелегалните пристигнувања беа многу помали и во однос на рутата на централниот Медитеран и на рутата на Западен Балкан, додека во последните месеци забележавме дополнително намалување на брановите, благодарение и на подобрата соработка што ја постигнавме со Турција, истакна грчкиот премиер.

Пред почетокот на дискусијата во Министерството за миграција и азил, Мицотакис оствари средба со еврокомесарката Јохансон, која претходно се сретна и со шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис. ср/паг/

Остани поврзан