• вторник, 05 ноември 2024

Јоурова: Владеењето на правото е основа на европската архитектура, мора да го заштитиме од негативни трендови 

Јоурова: Владеењето на правото е основа на европската архитектура, мора да го заштитиме од негативни трендови 

Брисел, 30 април 2024 (МИА) - Владеењето на правото е основното правило во европската архитектура и затоа е важно да имаме детална расправа за состојбата во ЕУ и на просторот на проширување, односно во конкретни земји членки и во државите кои имаат статус на кандидати за членство, изјави денеска потпретседателката на Европската комисија задолжена за вредности и транспарентност, Вера Јоурова. 

- Со години приоритет на Европската комисија е да направиме повеќе за заштита на владеењето на правото како основен принцип и да го одбраниме од разни видови на негативни трендови, потенцира Јоурова пред почетокот на неформалниот Совет за општи работи на ЕУ (ГАК) на кои главни теми се проширувањето, владеењето на правото и зајакнувањето на Унијата. 

Таа нагласи дека врз основа на извештаите за владеењето на правото во Албанија, Северна Македонија, Србија и Црна Гора на заседанието ќе може да се направи споредба на системите на овие четири земји кандидати за членство со оние на членките на ЕУ. 

Неформалните заседанија на Советите на ЕУ се средби на ресорните министри на кои не се носат никакви одлуки, туку само се дебатира и се разменуваат мислења за различни теми и прашања по кои треба да се решава на формалните средби или на состаноци на други тела на Унијата. сп/

Фото: ЕБС

Остани поврзан