• недела, 28 април 2024

ЈОРСМ: Не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата задржани за убиството на лекарот во Железара се сторители на делото

ЈОРСМ: Не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата задржани за убиството на лекарот во Железара се сторители на делото

Скопје, 29 март 2024 (МИА) – Не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата на кои им беше определен куќен притвор од 48 часа за убиството на лекарот во Железара се сторители на кривичното дело, информираат од Основното јавно обвинителство.

Министерството за внатрешни работи, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, како што посочуваат, продолжува да презема дејствија за идентификација на сторителите на кривично дело.

- До овој момент, со преземените дејствија од МВР и извршените вештачења од Институтот за судска медицина не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата лишени од слобода се сторители на кривичното дело. Од тие причини, јавниот обвинител, по истекот на времетраењето на определената мерка краткотраен куќен притвор, нема да предлага судот да определи нови мерки за претпазливост за трите лица кои беа задржани во врска со овој настан, информираат од Обвинителство.

Јавен обвинител од скопското Основно јавно обвинителство, синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор, во траење од 48 часа, за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара.

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски вчера изјави дека се приведени вкупно три лица поврзани со убиството на лекарот.

- Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичка состојба, штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде благовремено известена, изјави Тошковски, при посетата на општина Босилово.

Шеесет и седумгодишниот лекар минатата недела беше пронајден избоден до смрт во неговиот автомобил. Според првичните информации, мотивот за убиството не е поврзан со професијата на жртвата. аа/мд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан