• петок, 05 декември 2025

„Јон Вардар“ со награда во Њу Делхи

„Јон Вардар“ со награда во Њу Делхи

Скопје, 16 ноември 2025 (МИА) - Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ ја освои наградата „Сребрен Чин“ доделена од детското жири на 19. издание на CHINH India Kids Film Festival & Forum, што се одржа од 9 до 14 ноември во Њу Делхи, Индија.

CHINH фестивалот е една од водечките азиски платформи посветени на детски филм и медиумска писменост. Организацијата, предводена од културните активисти Минакши и Винај Рај, веќе речиси две децении создава уникатна средба меѓу уметниците и младата публика. Карактеристично за фестивалот е што децата самите ги гледаат, дискутираат и гласаат за филмовите, што ја прави наградата уште позначајна.

Фестивалот CHINH е познат и по тоа што наградените филмови влегуваат во нивната широка образовна мрежа од библиотeки, училишта и културни центри, што може да отвори нови можности за прикажување на филмот низ Индија и пошироко.

-Ова признание ни е особено драго затоа што доаѓа директно од публиката за која филмот е создаден. Индија има неверојатна традиција во детската култура и образование, и голема чест е да се најдеме меѓу наградените филмови, изјави режисерот Гоце Цветановски по добивањето на наградата. дма/мч/

Фото: Илустрација

Остани поврзан