• среда, 12 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Јермак: Во Џеда се разговараше за сите прашања поврзани со крајот на војната во Украина

Јермак: Во Џеда се разговараше за сите прашања поврзани со крајот на војната во Украина

Киев, 12 март 2025 (МИА) - Украинската и американската делегација на средбата во Саудиска Арабија разговараа за сите прашања поврзани со процесот на завршување на војната, изјави Андриј Јермак, шеф на Кабинетот на украинскиот претседател, цитиран од украинските медиуми. Тој ја даде својата изјава за време на средбата со украинските новинари, која се одржа по преговорите со американските претставници во Џеда.

-Тоа беше многу добар, суштински и значаен разговор. Вистински разговаравме како партнери кои беа заедно од првиот ден на руската агресија. Главните достигнувања на денешниот состанок се, пред сè, тоа што САД ја продолжија својата помош и споделувањето разузнавачки информации. Разговаравме и за сите прашања поврзани со процесот на завршување на војната со праведен мир, рече Јермак.

Тој истакна дека двете страни размениле мислења, но и клучни позиции.

-Она што го гледате во заедничката изјава целосно го одразува нашето заедничко разбирање: ние сме обединети во нашата визија како да продолжиме напред кон постигнување на долгоочекуваниот праведен мир за Украина. И ова се случува со поддршка на нашиот главен стратешки партнер - САД. Покрај тоа, како што рековме во заедничката изјава, нашите европски сојузници и партнери исто така ќе учествуваат во овој процес, додаде Јермак.

Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, од своја страна, на брифингот рече дека постигнатите договори ќе обезбедат Украина да продолжи да добива помош на безбедносното поле.

-Ова навистина многу ќе ни помогне сега. Ние сме на страната на решителна акција и направивме се што е можно, дури и невозможното, за да го постигнеме тоа, рече Умеров.

Според Јермак, едно од главните барања на украинската делегација било да обезбеди американска помош за постигнување договор за прекин на огнот по воздушен и морски пат, а во исто време да се осигура дека Украина ќе добие безбедносни гаранции.

-Сакаме нашите партнери да разберат дека никој не сака оваа војна да заврши повеќе од Украина. Сепак, за нас е од клучно значење како ќе заврши војната и какви безбедносни гаранции ќе добиеме. Можам да кажам дека сме задоволни од разговорите, бидејќи разговаравме за многу детали, нашите разговори беа суштински и фокусирани на клучните елементи неопходни за постигнување траен мир, рече тој.

Во врска со 30-дневниот прекин на огнот за кој се разговараше на состанокот, Јермак рече дека сега е на САД да разговараат за предлогот со Русија.

-Ако Русија е навистина подготвена да оди напред, тоа ќе стане јасно наскоро. Клучната одлука сега треба да ја донесе Русија. Целиот свет ќе види кој сака мир, а кој не, објасни тој.

Јермак рече и дека во заедничката изјава на украинската и американската делегација се наведени чекорите што ќе следат по 30-дневниот прекин на огнот.

-Доколку Русија се согласи, Украина е подготвена да прифати 30-дневен прекин на огнот како прв чекор за да можеме навистина да се подготвиме за формирање на поважната документација и да се подготвиме за преговори за сите детали кои бараат наш заеднички договор, за да може Украина да излезе од војната со праведен мир и да добие безбедносни гаранции.

Делегации на САД и Украина се сретнаа вчера во Џеда, Саудиска Арабија и разговараа повеќе од осум часа. По средбата, двете страни издадоа заедничка изјава во која ги истакнаа нивните заложби и следните чекори. мс/

фото: ДПА

Остани поврзан