• петок, 05 декември 2025

Јеменските бунтовници ја презедоа одговорноста за нападот на товарен брод во Црвеното Море

Јеменските бунтовници ја презедоа одговорноста за нападот на товарен брод во Црвеното Море

Сана, 9 јули 2025 (МИА) – Јеменските бунтовници Хути денеска ја презедоа одговорноста за смртоносниот напад извршен пред два дена врз товарен брод во Црвеното Море, витална поморска рута за глобалната трговија.

Во нападот врз товарниот брод „Етернити Ц“, кој пловел под либериско знаме, загинаа четворица членови на екипажот.

Портпарол на јеменските бунтовници поддржани од Иран изјави дека „поморските сили на јеменските вооружени сили го гаѓале бродот (Етернити Ц)“ во знак на солидарност со Палестинците во Појасот Газа, и додаде дека бродот се движел кон пристанишен град на југот на Израел.

Јеменските бунтовници спасиле неколку членови на екипажот од бродот, им пружиле медицинска нега и ги транспортирале на безбедно.

Мисијата ASPIDES, составена од поморските сили на Европската Унија распоредени во Црвеното Море, соопшти дека шест луѓе од бродот „Етернити Ц“ се спасени, додека 19 сè уште се водат како исчезнати, додавајќи дека потрагата е во тек.

Јеменските бунтовници Хути исто така презедоа одговорност за нападот во неделата, кој беше насочен кон друг товарен брод „Магични мориња“, кој потона, а чиј екипаж беше спасен. јт/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан