• недела, 22 декември 2024

Јелен: Поддршката за Украина е поважна од кога било

Јелен: Поддршката за Украина е поважна од кога било

Вашингтон, 14 февруари 2024 (МИА) - Буџетската поддршка на Соединетите Американски Држави за Украина сега е поважна од кога било, рече американската министерка за финансии Џенет Јелен.

„Американската финансиска помош е поважна од кога било, бидејќи е нераскинливо поврзана со успехот на Украина на бојното поле и помага да се зајакне националната безбедност на САД“, рече Јелен по повод усвојувањето на законот за дополнителна помош за Киев од американскиот Сенат.

Според неа, доделувањето дополнителни средства за Украина ќе биде „гаранција“ за другите донатори на Киев дека САД продолжуваат да ја поддржуваат таа земја.

„Меѓународните партнери, освен Соединетите Американски Држави, покриваа приближно три четвртини од потребите на Украина за надворешно финансирање во 2023 година и ќе продолжат да го прават тоа во 2024 година“, рече Јелен.

Таа нагласи дека недостигот на таква поддршка може негативно да влијае на американската безбедност и да ја ослабне позицијата на Украина, што би било победа за противниците на САД.

Американскиот претседател Џо Бајден во вторникот го поздрави одобрувањето од Сенатот на нацрт-законот за помош од повеќе милијарди долари за Украина и го повика Претставничкиот дом да дејствува исто толку брзо.

Нацрт-законот, со кој се издвојуваат 60 милијарди долари за враќање на помошта за Украина, го помина последното читање од страна на сенаторите кои ги отстранија од документот контроверзните клаузули за финансирање на граничната безбедност и реформите за имиграција. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан