Јапонија почнува со ослободување нафта од резерви поради затворањето на Ормускиот Теснeц
- Јапонија денеска ќе почне со ослободување нафта од своите стокови резерви бидејќи се очекува увозот на сурова нафта значително да се намали од крајот на март поради затворањето на Ормуската Теснина, коај е клучна за транспорт на нафта на светскиот пазар, изјави денеска главниот секретар на кабинетот, Минору Кихара.
Токио, 16 март 2026 (МИА) - Јапонија денеска ќе почне со ослободување нафта од своите стокови резерви бидејќи се очекува увозот на сурова нафта значително да се намали од крајот на март поради затворањето на Ормускиот Теснец, кој е клучен за транспорт на нафта на светскиот пазар, изјави денеска главниот секретар на кабинетот, Минору Кихара.
- Планираме да вложиме напори за (нафтата од стоковите резерви) непречено да циркулира на пазарот - рече Кихара, пренесува агенцијата „Кјодо“.
Тој додаде дека владата „ќе продолжи да ги презема сите можни чекори за да обезбеди стабилно снабдување со енергија преку меѓународна координација и без исклучување какви било опции“.
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) вчера соопшти дека набргу ќе почне планираното координирано ослободување нафта од стоковите резерви од страна на нејзините 32 земји членки, вклучувајќи ја и Јапонија. Минатата недела беше соопштено дека земјите ќе стават на пазарот 400 милиони барели нафта како одговор на прекините настанати поради конфликтот на Блискиот Исток.
Јапонската влада ќе ги намали задолжителните 70-дневни резерви за рафинериите за нафта и трговските компании, според јапонскиот закон за складирање нафта, на 55 дена, а минатата недела јапонската премиерка Санае Такаичи соопшти дека од стоковите резерви ќе бидат достапни приближно 80 милиони барели нафта, што е најголемата количина досега ослободена од стоковите резерви.
Таа количина нафта е еквивалентна на 45 дена домашна потрошувачка и е 1,8 пати поголема од онаа што беше ослободена од стоковните резерви по разорниот земјотрес и цунамито во 2011 година, кои го опустошија североисточниот дел на Јапонија.
Заклучно со крајот на 2025 година, Јапонија имаше резерви од приближно 470 милиони барели нафта, што е еквивалентно на 254 дена домашна потрошувачка, од кои 146 дена беа во државна сопственост, 101 ден во приватниот сектор, а остатокот заеднички го складираат земјите производители на нафта. Ова е седми пат како се користат јапонските резерви на нафта од почетокот на системот за резерви во 70-тите.
Јапонија увезува повеќе од 90 отсто од својата сурова нафта од Блискиот Исток, што ја прави многу ранлива на затворањето на Ормускиот Теснец, што го спречи транспортот на нафта и гас од доставувачите во Персискиот Залив, и наглиот пораст на цените на суровата нафта од почетокот на војната на Блискиот Исток на 28 февруари. јт/сд/
Фото: МИА архива