• понеделник, 23 декември 2024

Јаневска: Формираме Национално координативно тело за реформи во високото образование, првични резултати од работата за година и половина

Јаневска: Формираме Национално координативно тело за реформи во високото образование, првични резултати од работата за година и половина

Скопје, 1 август 2024 (МИА) - Министерството за образование и наука ќе формира Национално координативно тело за реформи во високото образование чија цел ќе биде преку инклузивен процес да направи план како да се подобри квалитетот на високообразовниот систем во земјава, односно кои мерки треба да се преземат во иднина за да се достигнат повисоки образовни стандарди. Министерката за образование и наука Весна Јаневска вечерва во, „Тема на денот“ во Дневникот на ТВ Сител соопшти дека првичните резултати на ова тело ќе бидат видливи за година и половина.

Таа ја образложи последната одлука на Владата со која МОН се задолжува да формира времено тело кое ќе треба да се справи со хиперпродукцијата на високообразовни установи во државата и ќе ги предводи промените што ќе се случат за да се унапреди квалитетот на високото образование. 

-Ова тело ќе направи сеопфатна проверка на сите високообразовни установи во државата, и државни и приватни без исклучок. Ќе се проверува почитувањето на законите, просторните и кадровските капацитети, начинот на кој се изведува високото образование и научната дејност, бројот на студенти и така натаму. Ќе носиме заклучоци и сугестии по кои ќе треба да постапуваат чинителите на високообразовниот систем, рече Јаневска додавајќи дека наскоро ќе има конститутивна седница со сите предвидени членови, со кои заедно ќе бидат поставени целите и ќе се дефинира правилник за работа, рече Јаневска.  

Таа информираше дека во земјава има повеќе од 40 високообразовни установи – универзитети, институти и високи школи кои, како што рече, за жал, не покажуваат квалитет и состојбите мора да бидат променети. Смета дека нема да настане конфликт со академскиот кадар, затоа што вели, факт е дека квалитетот на високото образование е драстично опаднат и постојат идентични ставови дека неопходни се добро осмислени крупни промени. 

Јаневска соопшти дека МОН ќе направи анализа на потребите на пазарот на трудот и посочи дека откако ќе се направи ќе може да се зборува за реалните квоти на универзитетите, на факултетите кои му се потребни на пазарот на трудот. 

-Откако ќе ја направиме, ние ќе видиме колку потреба имаме од какви високи образовни кадри и тоа ќе го понудиме на универзитетите. Јас верувам дека нашите универзитети можат да имаат и поголеми капацитети, но ние имаме  се помал број на студенти. Дополнително, високо образовните кадри, нашите професори од универзитетите гледаат дека ние, де факто, имаме проблем со средно стручен кадар. Луѓето се жалат дека не можат да најдат мајстор, готвач итн. Треба кариерно советување на младите за да знаат да се усмераат и да ги знаат можностите на пазарот на трудот и сето тоа треба да се направи. Но, јас сум среќна што ние почнавме отворено да зборуваме за овие проблеми. Во некои изминати периоди подолгорочни имаше еден натпревар меѓу универзитетите и факултетите кој повеќе студенти ќе запише, а не кој ќе произведе поквалитетни кадри ќе произведе. Но, тоа време е поминато. Ние мора да се помириме и не гледам што е проблем што на одреден број на факултети се намалува бројот на студенти, значи природно почнал да се намалува, рече таа.

Министерката Јаневска нагласи дека проблемот во реформите во образованието е што секогаш тие биле избрзани и што никогаш не воделе грижа да бидат вклучени сите чинители на образованието и да ја прифатат таа реформа или промена како сопствена и своја.фф/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан