• понеделник, 23 декември 2024

Јакимовски има одредени сознанија за ставањето на црната листа, ќе ги каже во Обвинителство

Јакимовски има одредени сознанија за ставањето на црната листа, ќе ги каже во Обвинителство

Скопје, 21 март 2024 (МИА) – За наводите поради кои од Стејт департментот е ставен на црната листа, Стевчо Јакимовски, лидер на ГРОМ и кандидат за претседател на државата, изјави дека ништо не е точно, дека тоа е „срамно и смешно“ бидејќи секогаш водел исправни политики. 

-Одговорно тврдам пред граѓаните дека тоа се обични паушални размислувања на овдешни кодоши што ги плаќаат и, ако им веруваат, нека продолжат. Пари не ме интересирале, јас не сум среброљубец, секогаш сум работел согласно закони, изјави Јакимовски во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5. 

Додаде дека е изненаден затоа што бил меѓу ретките поканети од Амбасадата на САД за прославата за 4 Јули годинава, кога  листата на гости била „строго редуцирана“.

Ситуацијата во која сега е „политички жигосан“, рече, била иста како и пред референдумот за промена на името, „кога се создавале услови и наратив за да биде уапсен“.

За ставањето на црната листа на САД вчера тој поднесе кривична пријава против непознат сторител. За сомнежите во нечие влијание за таквата одлука на Стејт департментот рече има „одредени сознанија“ кои ќе ги каже во Обвинителство и дека „има и дел од партии“.

Притоа ја посочи ВМРО-ДПМНЕ која, рече, ликува за тоа што му се случува. Смета дека на партијата на Христијан Мицкоски и пречи што ќе биде во вториот круг на избори со нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова затоа што Пендаровски „многу малку му бега“.

Рече дека ВМРО-ДПМНЕ во политиката покажува став „ни седи, ни оди“, има намера да го промени Уставот и затоа, рече, сега сака да ги расчисти тие што пречат.

На прашањето дали е можна поврзаност со тоа што бил во Москва пред неколку години, Јакимовски одговори дека не знае „ни кој е руски амбасадор“ во земјава.

-Има лидери на партии кои константно одат во Москва, па што им фали, додаде лидерот на ГРОМ. 

Во врска со контакти со Никола Груевски, рече, „нема зошто да бега од него и да не го почитува“ и оти имал коректни односи со поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ. 

- Имал грешки и имал добри работи. И што е тука спорно, додаде Јакимовски во интервјуто.  

Во однос на Парламентарните избори, лидерот на ГРОМ истакна дека нема да влезат во коалиција „со кој било што сака да го смени Уставот“. Ставањето на Бугарите во него смета дека ќе отвори нови барања од источниот сосед – за идентитетот, јазикот, историјата... 

- За идентитет и јазик нема разговор. Тоа треба да се затвори во цел пакет. Направивме многу отстапки. Зошто никој официјален во Бугарија не е под притисок или ставен на црна листа за неспроведени 17 пресуди од Судот во Стразбур за човекови права?, рече Јакимовски. 

Соопшти дека на Парламентарните избори неговата партија ГРОМ ќе настапи во коалиција со Интегра на Љупчо Ристовски и со ПЦЕР на Самка Ибраимовски и дека веќе ги подготвуваат листите за пратеници. хс/ев/

Фото: Принтскрин / „Само интервју“ 

Остани поврзан