• сабота, 21 декември 2024

Јавното обвинителство преку европски проект ќе добие нов електронски систем за управување со предметите

Јавното обвинителство преку европски проект ќе добие нов електронски систем за управување со предметите

Скопје, 14 мај 2024 (МИА) – Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, во рамки на проектот „ЕУ – Поддршка за владеење на правото“, ќе добие нов електронски систем за управување со предметите. Претставници на проектот, денеска, на средба со јавниот обвинител Љупчо Коцевски, го информираа за планираните активности кои треба да се реализираат во рамките на овој проект во следниот период. 

Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија соопштуваат дека во рамки на активностите на овој проект, поврзани со информатичката технологија, фокусот на поддршката ќе биде насочен во изготвувањето на техничката спецификација за воспоставување на нов електронски систем за управување со предметите во Јавното обвинителство. 

– Средствата за овој голем и сложен проект, во кој покрај Јавното обвинителство, се опфатени и неколку други институции, се обезбедени преку ИПА-3 програмата на Европската унија. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ќе формира посебна работна група за дигитализација која ќе работи на утврдување на функционалните каратеристики во новиот систем, кои се неопходни за функционирањето на Јавното обвинителство. Во поддршка на процесот на изградба на новиот електронски систем ќе се вклучи и Здружението на јавните обвинители, чиј претседател Елвин Вели беше исто така на денешната средба, соопштуваат од Јавното обвинителство.

Посочуваат дека домашни и меѓународни ИТ експерти работат на надградба на постојниот Лурис-систем за меѓународна правна помош. 

По завршување на надградбата, од Јавното обвинителство велиат земјава ќе биде прва во регионот која ќе овозможи директно електронско поврзување на Лурис-системите во Јавното обвинителство и Министерството за правда.

– Од останатите активности, проектот „ЕУ – Поддршка за владеење на правото“ работи на подобрување на законските и подзаконските акти за оценување, контрола и дисциплинска одговорност на јавните обвинители, помага во обука на истражителите во истражните центри, придонесува во подготовката на новата Стратегија за комуникации и транспарентност на Јавното обвинителство, а врши анализа и на човечките ресурси со кои располага обвинителството, стои во соопштението на Јавното обвинителство. ра/лв/

Фото: Јавно обвинителство на Република Северна Македонија

 

Остани поврзан