Јавен повик за субвениционирање туристички водичи за промоција на планински туризам и авантуризам
- Општина Струга денеска објави јавен повик за субвенционирање физички лица, невладини организации и здруженија кои се занимаваат со водење туристички групи на планина, заради промоција на планинскиот туризам и авантуризмот.
Струга, 3 декември 2025 (МИА) - Општина Струга денеска објави јавен повик за субвенционирање физички лица, невладини организации и здруженија кои се занимаваат со водење туристички групи на планина, заради промоција на планинскиот туризам и авантуризмот.
Право на учество, според повикот, имаат сите физички лица, невладини организации, здруженија и други субјекти, кои дејствуваат на територијата на Општина Струга, а се занимаваат со водење туристички групи на планински предели, со кое се промовира планинскиот туризам во сите негови форми: пешачење, планинарење, алпинизам, спортско качување, планински велосипедизам, скијање и сноубординг, јавање, еко-тури, авантуристички активности, спелеологија, културен и етно-туризам, како и фотографски туризам.
Износот на средствата кој ќе биде доделен на физичките лица, НВО и здруженија изнесува 300.000 денари, кои, како што е наведено, ќе бидат распределени пропорционално подеднакво според конечниот број на поднесени валидни барања за субвенционирање.
Заинтересираните може да аплицираат со пополнето барање, копија од лична карта и трансакциска сметка за физичките лица, лиценца за водење групи на планина, акт за регистрација/основачки акт за невладини организации и здруженија, статут или друг документ со кој се докажува дејноста поврзана со планински/рурален туризам и авантуризам и потврда или референции за претходни активности/реализирани проекти во областа на планински туризам.
Потребната документи да се достават на шалтерот на општинаската администрација најдоцна до 10 декември 2025 година. сс/sa/
Фото МИА архива