• среда, 25 декември 2024

Ѕиѕикостас: Транспортот е централен столб на Европа

Ѕиѕикостас: Транспортот е централен столб на Европа

Атина, 18 септември 2024 (МИА) – Транспортот е централен столб на Европа, има геостратешко значење за клучните сектори како што се трговијата, енергијата и вмрежувањето, а во исто време обезбедува слободен пристап, движење и меѓусебно поврзување на граѓаните и регионите, основно право во Европската Унија, порача новиот комесар за одржлив транспорт и туризам Апостолос Ѕиѕикостас, јави дописничката на МИА од Атина.

Преку социјалните мрежи новиот грчки комесар рече дека е „голема чест и одговорност“ што претседателката на Европската комисија ѝ ги довери на Грција ресорите за одржлив транспорт и туризам.

Ѕиѕикостас посочи дека транспортот е важен и за циркулацијата на производи и услуги што претставуваат „клуч за кохезијата и конкурентноста на Европа“, но и дека „во срцето на транспортот се и поморството и поморскиот транспорт, кои имаат клучна улога за Европа“.

- Европската унија испраќа силна порака дека има сеопфатен и интегриран пристап кон развојот, фокусирајќи се на стратешки инвестиции во важни инфраструктури, зелен транспорт и одржлив туристички развој, кои го подобруваат секојдневието и квалитетот на животот, приближувајќи ја Европа до нејзините граѓани, истакна Ѕиѕикостас.

Како што вчера објави МИА, откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го објави составот на новата ЕК, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку Фејсбук изрази „големо задоволство за ресорот одржлив транспорт и туризам, за кое е избран Апостолос Ѕиѕикостас“.

Новиот грчки комесар пред да замине за Брисел беше префект на периферијата Централна Македонија во северниот дел на Грција. ср/ссм/

Остани поврзан